Македонија
26. January 2017 - 10:15

ВМРО-ДПМНЕ: Секогаш кога СДСМ е на власт има деструкција на државата

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека на парламентарните избори на 11 декември народот се спротивставил на, како што истакнува, коалицијата на СДСМ со криминалот.

- Одговорност  за криминалот ќе има, а заслужената казна ќе следи. Нема да може да помогне ниту Катица Јанева, ниту Специјалното јавно обвинителство, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Оценува дека „секогаш кога СДСМ ќе ја дограби власта или некоја функција, тоа значи уништување на институциите и деструкција на државата“, а тоа, како што посочува, го потврдила и ЦИА. 

Пренесувајќи тврдења за вклученост на функционери на СДСМ во шверц со нафта нагласува дека тоа е единствениот начин на работење во СДСМ.

- Затоа Зоран Заев беше аболициран од Црвенковски за криминал тежок 8 милиони евра во случајот Глобал. Аболицираниот Зоран Заев ја сфати пораката од Црвенковски и продолжи со традицијата. Рекетираше бизнисмени и го надгради системот воведувајќи нова пракса во Струмица каде што СДСМ е на власт по принципот „едно евро за Вицето”, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ додава дека СДСМ минатата година имаше министри во два ресора и заменици во уште три, но оти освен скандали и афери, не реализирале ниту еден проект кој ќе го подобри стандардот на граѓаните.