Македонија
9. March 2016 - 17:53

ВМРО-ДПМНЕ реагира на изјавата на министерката Ташевска-Ременски

Пензионерите се уште една категорија граѓани за кои СДСМ дозна благодарение на работата на ВМРО-ДПМНЕ и мерките и реформите кои се преземани за подобрување на квалитетот на живот на овие групи граѓани, наведува ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на денешната изјава на министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска - Ременски.

- Денешната изјава на Ременски е очаен обид за прикривање на бркањето на 44 Роми од Прифатниот центар Гевгелија. СДСМ не знаеше дека постојат пензионери и кога беше на власт. Тотално ги заборави овие граѓани и нивните потреби, освен кога требаше да им ги намали пензиите за 8 проценти. СДСМ ги делеше пензионерите во 3 категории и им доцнеше со исплаќањето на пензиите, се вели во реакцијата.

Партијата посочува дека од септември 2008 година пензиите се исплатуваат секоја прва седмица од месецот и оти просечната пензија е зголемена за 70,29 проценти, односно од 7.683 денари во 2006 година на 13.083 денари минатата година.

Осврнувајќи се на проектите наменети за оваа категорија граѓани, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека покрај бањско-климатската рекреација започнато е и спроведувањето на проектот „Бесплатен туристички викенд“, обезбеден е бесплатен превоз за пензионерите во јавниот соообраќај, воведен е бесплатен викенд еднаш во месецот, отворени се дневни центри за стари лица, донесен е пакет поволности за израдба на приватни домови за стари лица  и овозможено е бесплатно болничко лекување на корисници на пензија со износ на пензија до 12.600 денари.