Македонија
20. March 2018 - 10:00

ВМРО-ДПМНЕ: Правдата во Македонија е на колена од политичките злоупотреби- Судот мора да одлучува врз основа на аргументи, а не политички

Правдата во Република Македонија е на колена од политичките злоупотреби, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ослободување на обвинетите во случајот Сопот беше една од точките во платформата потпишана во Тирана на 7-ми јануари 2017 година. Една година подоцна СЈО ги ослободи со образложение дека немало докази. Кој го минираше патот Сушево-Сопот по кој на 4 март 2003 година се движеше конвојот на НАТО, одговор нема. Кој ја набави и подметна експлозивната направа во месноста Божја Дупка, од чија детонација животите ги загубија припадниците на полскиот контингент, Павел Легински и Фјодор Никуловски, и цивилот Крунислав Кипријановски, одговор нема, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и се додава:

„Кои се првите луѓе на МВР, БЈБ и УБК одговорни за истрагата и дали тие знаеле за информациите изнесени денеска? Дали ќе има одговорност доколку СЈО верува дека тогашната власт ја монтирале истрагата? Дали ќе има одговорност за судиите кои тогаш го воделе предметот бидејќи според Катица Јанева суделе без докази? Правдата во Република Македонија е на колена од политичките злоупотреби. Тиранската платформа се реализира, а скандалите се покриваат со монтирани обвиненија во кои уметници, режисери, глумци, пратеници без никакви докази се прогласуваат за терористи“.

Според партијата, не постои никаква основа политички обвинетите за настаните од 27-ми да останат во притвор.

-Денес Врховниот суд на Република Македонија ќе одлучува по приговорите на неправедно обвининетите патриоти. Нема ниту еден правен аргумент зошто на овие луѓе би им се продолжила мерката притвор. Време е нарачаните пресуди и процеси да престанат! При разгледувањето на нивните приговори судот мора да ги зема во предвид сите факти. Истрагата на обвинителството во врска со настаните од 27-ми април заврши со што се отстрани и последната пречка некој од нив да влијае на сведоците. Никој од патриотите не сторил кривично дело тероризам за да може да го повторат, а и голем дел од нив сами се пријавуваа во судот. Никој од нив нема причина за бегство. Судот мора да одлучува врз основа на аргументи, а не политички!

Судот, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да се води исклучиво врз основа на закон, а не да исполнува желби на одредени центри за моќ.

-Судот не смее да си поигрува со законите и судбината на патриотите. Судот конечно мора да излезе од ќорсокакот во кој се наоѓа и да најде начин и сила да спречи секакви политички влијанија. Основната придобивка на едно демократско општество е независно судство и правна држава. Инситуциите мора да бидат оставени да си ја работат својата работа и да престанат да бидат користени во политички цели. Република Македонија мора да стане правна држава. Тоа е нашиот единствен пат за напредок.