Бизнис
2. July 2017 - 16:37

ВМРО-ДПМНЕ: Обрадовиќ нема да го унапреди работењето на ЕЛЕМ

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Владата и СДСМ два дена молчат за скандалот за кој, како што велат, пишуваа и домашните и српските медиуми за намерата за именувањена српскиот државјанин Александар Обрадовиќ за директор на ЕЛЕМ.

- Тоа значи дека информациите се точни. Тоа значи дека СДС планира при толку многу докажани кадри од областа на енергетиката од нашата земја да именуваат балкански мешетар кој се товари за недомаќинско работење, промашени тендери и луксузи во, ни помалку ни повеќе, Електропривреда Србија. Што е целта на набркан кадар од Србија, Заев да му дава државјанство и да го именува за директор на најбогатата државна фирма, изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ пред зградата на ЕЛЕМ. 

Тој праша дали овој човек ќе работи на тендерски постапки со кои, како што рече, ќе се испумпуваат пари, дали ќе поскапи струјата и дали целта е да се доведе ЕЛЕМ место сопствено производство уште повеќе да увезува струја. 

- Факт е дека овој човек нема да го унапреди работењето на ЕЛЕМ. Оправдано стравуваме дека овој човек има задача да го подготви ЕЛЕМ за продажба. Ако во сопствената земја, Србија има лоша репутација, тогаш само може да замислиме какви последици ќе има неговото именување за директор во една вака сериозна институција, тука во Македонија, истакна Костовски. 

СДС и Владата, како што рече, треба да престанат да молчат и отворено да кажат зошто се решиле на ваков катастрофален кадровски избор.

- Да кажат која ќе биде придобивката еден балкански мешетар да биде именуван за директор на ЕЛЕМ. Премногу е сериозно за да се премолчи. Јавноста треба да знае какви последици ќе имаат граѓаните и енергетскиот систем од оваа нивна одлука. Македонија не може да си дозволи уште еден бомбона бизнис од кој сите ќе имаат штета, освен можеби врхушката на СДС, рече Костовски.