Македонија
11. April 2016 - 17:41

ВМРО-ДПМНЕ: Обидите да се спречат останатите граѓани да го дадат својот глас на избори е криминал

Одлуката да се биде вонпарламентарна опозиција и да не се излезе на избори е став и демократско право на секоја партија. Обидите да се спречат останатите граѓани да го дадат својот глас на избори е криминал, смета ВМРО-ДПМНЕ.

- Деновиве сме сведоци на вакво срамно криминално делување на СДСМ кој на сите начини се обидува да ја блокира работата на Државната изборна комисија и да не им дозволи на граѓаните да излезат на гласање на 5 јуни, рече денеска на прес-конференција Спиро Ристовски, член на Извршниот комитет на партијата.

Тој посочи дека техничкиот министер Оливер Спасовски, иако имаше обврска, одбиваше да ги потпише пропратните писма со кои МВР одговара на барањата за дополнителни проверки за ажурирање на избирачкиот список, а неговите послушници во регионалните комисии на министерството, исто така, додава, се обидувале на секаков начин да ја блокираат работата и проверките за кои имаа наредба.

- Генералниот секретар на ДИК одбиваше да постапи по задачите кои му беа доделени од страна на комисијата. Единствено нешто што направи Добре Јанчев е вработувањето на Јанакие Витановски, поранешен пратеник од СДСМ како прв човек во најчувствителниот сектор во ДИК одговорен за ажурирањето на избирачкиот список, обвини Ристовски.

Тој нагласи дека ваквото однесување на СДСМ е недозволиво и додаде дека јавноста се уверила оти, измислените половина милион таканаречени „фантоми“ се огромна манипулација на Заев со која, вели, се обидува да избега од изборите и да го покрие својот страв од најголемиот пораз кој го очекува.

- Јавноста виде дека меѓу овие измислени т.н.„фантоми“ се најде и сестрата на Радмила Шекеринска, поранешните пратеници Јани Макрадули и Гордан Георгиев, Фиат Цаноски и неговиот син Сефер, како и ред други познати јавни личности. Ваквите лаги на СДСМ веќе не минуваат во јавноста. Граѓаните ја прочитаа деструктивната игра на Зоран Заев и неговите блиски соработници во раководството на партијата. На граѓаните им е доста од мрачни сценарија и кризи. Граѓаните очекуваат одговорно однесување од политичките субјекти. Граѓаните очекуваат неизвесноста и кризата да биде оставена зад нас и земјата да се сврти кон она што нив им значи, а тоа е отворање нови работни места, привлекување нови инвестиции и проекти кои ќе им овозможат подобар живот, рече Спировски.

Тој укажа дека СДСМ веќе пет месеци партиципира во Владата, а нивните министри, вели, не понудија ниту едно конструктивно решение, туку само афери и скандали.

- На сите им е јасно зошто е рејтингот на СДСМ таков каков што е, во длабок минус. Суштинско е тоа што ваквиот рејтинг не смее да биде причина партијата да се обиде да го оспори правото на останатите да се натпреваруваат во барање поддршка од граѓаните во фер и демократски изборен процес. Затоа го повикуваме СДСМ да престане со подземните игри и со креирањето кризи и тензии. Го повикуваме СДСМ да излезе на избори, но доколку не го стори тоа партијата не смее да го оспорува правото на мнозинството граѓани да излезат на избори и да одлучуваат за својата иднина, рече Ристовски.