ВМРО-ДПМНЕ: Неправедно притворените мора да бидат ослободени
Граѓаните на Република Македонија вчера ја видоа сета деструкција на власта и анти-државните политики кои ги спроведуваат. Собранието без опозиција донесе неуставен закон за двојазичност со кој што се редефинира државата, реагираат во денешното соопштение од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Истовремено власта ја задолжува Македонија за половина милијарда евра, пари кои ќе ги трошат за задоволување на мегаломанските потреби. Вицепремиерот Кочо Анѓушев ја продава сопствената компанија на грчка фирма, додека Никола Димитров е на тајни преговори во Солун за промена на името. Паралелно владата одлучува ТАВ да не гради карго аеродром во Штип со кој што економски ќе заживееше цела источна Македонија и ќе се обезбедеше економски просперитет на подолг рок“, се наведува во соопштението.
Како што истакнуваат од партијата, во вакви услови невини луѓе патриоти се носат со лисици пред суд, а потоа пред камери ги враќаат во притвор иако за тоа нема никаква основа.
„Македонската јавност ги слушна аргументите изложени од нивната одбрана и се увери дека овие луѓе не се терористи туку жртви на политички прогон. Апелациониот суд може да го запре процесот на агонија во кој запаѓа општеството и да го врати принципот на владеење на правото како императив во својата работа. Судот ја има шансата како контролор на законитоста да го издржи притисокот и во интерес на демократијата и иднината на земјата да одлучува единствено врз база на закон. Судството мора да биде институцијата која во овие тешки времиња за македонската демократија ќе биде стожерот на државата. Судот ги има на увид сите докази и аргументи кои јасно и недвосмислено упатуваат на фактот дека делото тероризам за кое се товарат десетици македонски патриоти е чиста конструкција, која нема врска со правото. Судот ја има на увид и оценката на Народниот правобранител, кој јасно кажа дека се прекршени законите при приведување. Судот ги има на увид и фактите кои говорат дека правата на осомничените се ускратени и во истражниот затвор. Токму затоа треба да биде воден од совеста, да одлучува единствено врз база на закон“, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека правосудството мора да биде стожерот на државата, бидејќи институциите се целосно разнишани, а, како што велат, пракса стана законите да се кршат за потребите на власта.
„Демократијата е уништена. Со секој поминат ден Република Македонија е се подалеку од своите стратешки определби за членство во ЕУ и НАТО. Судот има шанса да застане во одбрана на правдата. Судот има обврска да застане во одбрана на аргументите. Само цврсто правосудство ќе создаде цврста држава. Неправедно притворените мора да бидат ослободени“, велат од партијата во своето соопштение.
Ново на Сител
-
УКИМ не е меѓу најдобрите 2.000 универзитети според CWUR
-
Манасиевски: Судијата кој одлучувал за враќање на пасошот на Јахоски треба да се разреши
-
Раст на цените во Хрватска: Инфлацијата меѓу највисоките во еврозоната
-
Избоден малолетник во тепачка меѓу две групи ученици кај хотел „Карпош“
-
Без одобрение на државно земјиште почнал да гради шесткатница во Чаир, поведена истрага
-
Тошковски: Родителите на загинатите во Кочани имаат право да бараат, а инстиуциите се должни да дадат одговори
-
Пронајдено 14-годишното девојче кое беше пријавено за исчезнато
-
Тошковски за случувањата со Арсовска: Ова што го гледа македонската јавност е циркус пред локални избори, да беше во првата година ќе беше за поздрав