Македонија
8. February 2023 - 8:34

ВМРО-ДПМНЕ: Нема учебници, но затоа има лажни дојави за бомби

Ситуацијата со лажните дојави за бомби е алармантна, а МВР веќе пет месеци не може да ги открие сторителите. Нови 33 дојави за лажни бомби во училиштата низ Македонија покажуваат дека безбедносниот систем е целосно девастиран. МВР и Спасовски ништо не работат. 

Пет месеци по ред Македонија е мета на лажни дојави, а Оливер Спасовски не само што не може да најде кој ги испраќа, туку не понел ниту одговорност. Згора на тоа месеци наназад голем број на јавни објекти, скопскиот аеродром, Железничка станица, трговски објекти, државни институции се под закана за бомби. 

Владата, Ковачевски и Спасовски се неспособни да обезбедат ниту мир, ниту пак да гарантираат за безбедност на граѓаните и државата. 

Цела ситуација предизвикува страв и паника не само кај учениците и нивните родители, туку и кај сите граѓани. Наместо во училишни клупи, учениците на минусни температури се надвор додека МВР ги проверува училиштата. 

Нема учебници, но затоа има лажни дојави за бомби. Се губи настава, а министерот за образование Јетон Шаќири наместо да кажува дека изгубените часови ќе се надоместат, да побара од својот колега Спасовски да открие кој стои позади овие лажни дојави за бомби. 

Владата на Ковачевски не може да обезбеди еден ден сигурност, но затоа обезбедува милионски суми и криминал од сомнителни тендери и бизнис зделки. Ако не знаат како да управуваат со институциите и државата, тогаш ајде на предвремени парламентарни избори.

 

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ