Македонија
30. January 2021 - 16:42

ВМРО-ДПМНЕ најавува интерпелација за Николовски и Маричиќ

Министрите за борба против корупција и правда во Собранието да образложат која е причината што Македонија според нивото на корупција има досега најлошо рангирање од Транспаренси. Ова го бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што велат од партијата, двајцата министри не сториле ништо за намалување на корупцијата. Сметаат дека 111-то место, Македонија ја прави црна дупка во Европа по криминал, мито и рекет.

„Вклучен е црвениот аларм одамна. Потребни се оставки, најпрвин од таканаречениот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, затоа што не само што не се изборија со корупцијата, туку истата е засилена. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Љупчо Николовски и за Бојан Маричиќ“, вели Владо Мисајловски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според СДСМ, симбол за корупција била опозициската партија која како што велат од СДСМ се плаши од правдата и затоа поденсува неосновани интерпелации.

„Лицемерно и лажно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за корупција кога токму оваа партија е синоним на коруптивно дејствување, провизии од тендери и незаконско финансирање на партијата. 11 години режимско владеење придонесе за вртоглав раст на корупцијата и на неказнивост на партиски функционери“, велат од СДСМ. 

Дека борбата со корупцијата треба да е приоритет, вчера порача  американската амбасадорка во земјава. Кејт Мери Брнс која вели дека индексот на перцепција на корупцијата бил јасен сигнал дека борбата против корупцијата останува критично важна задача за Северна Македонија и фокус на стартешкото партнерство.