Македонија
27. March 2021 - 16:46

ВМРО-ДПМНЕ на протест пред министерството за здравство побара оставка од Филипче

Со скандирање “Оставка” и “Убијци” опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно излезе на протест пред Министерството за здравство.

Демонстрантите побараа одговорност од надлежните поради лошото справување со здравствената криза. Бараат оставки од премиерот Заев и министерот за здравство Филипче бидејќи сè уште нема вакцини за граѓаните, а земјава е меѓу тие со најголема смртност од Ковид-19.

„И што е најтрагично, сè уште не можеме да завршиме со имунизација на здравствениот персонал и она што треба да претставува прва борбена линија во борбата со Ковид-от. Затоа, оставка за Заев и Филипче би претставувала и тоа како спас за Македонија”, рече Кирил Пецаков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не мора да те чуваат два реда полицајци, полицајци кои што внатре во министерството се со воена опрема, со штитови. Не дојдовме овде да те линчуваме Венко. Дојдовме да ти побараме одговорност, да ти побараме оставка”, рече Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека доколку тие биле на власт, бројот на починати би бил многу помал бидејќи, како што велат, одамна би почнала масовната вакцинација. На протестот оддадоа и почит со едноминутно молчење за сите загубени животи како последица на Ковид-19.

„Бидете доблесни и не бидете индиферентни на 3.600 мртви во Македонија. Бидете доблесни и немој да молчите додека луѓето умираат”, рече Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката СДСМ, пак, лицемерна е грижата на опозицијата за здравјето на граѓаните, додека организира протести.

„Партијата предводена од губитникот Христијан Мицкоски која глуми загриженост за здравјето на граѓаните, денеска продолжи со деструктивноста одржувајќи протест пред Министерството за здравство. Ден пред да пристигнат над 20.000 дози вакцини, ВМРО-ДПМНЕ партијата позната по прекршување на мерките за заштита од ковид 19, организира масовни собири”, вели Стефан Васев од СДСМ.

Ова е втор протест на опозицијата пред Министерството за здравство и како што најавија, ќе бидат на истото место и наредните викенди, сè додека одговорните не поднесат оставка.