Македонија
27. November 2020 - 16:41

ВМРО-ДПМНЕ ќе бара гласање на доверба за владата - ја има ли СДСМ поддршката од коалицијата?

ВМРО-ДПМНЕ бара власта да го преброи мнозинството во Собранието. Барањето за гласање на доверба на владата опозициската партија го очекува на дневен ред на стартот на идниот месец.
Во владејчката коалиција до овој момент се уште нема најава дека некојa од партиите би можела да го напушти јатото на СДСМ. Сепак, либералдемократите на Министертот за локална Горан Милевски на вчерашната седница на Извршниот одбор донеле одлука со која бараат коалициска средба на која би се разговарало и за интервјуто на премиерот.
Без одговор дали ќе ја напушти владејчката коалиција е и Павле Трајанов иако вели дека не се согласува со било какво менување на договорот.„Македонскиот народ и јазик се автентични. За овие прашања никој не може да преговара со соседните држави, вклучувајќи ја и Бугарија. Во соседните држави и секаде во светот каде што живее македонски народ, никој не може да се откаже од нив. Не прифаќаме нов договор, анекс на договорот и други форми на гаранции со кои на било кој начин се доведува во прашање вековното постоење на македонскиот народ и македонскиот јазик ниту пак бугаризација на македонските револуционери“ – вели Трајанов во својата изјава.

Од ДОМ до овој момент нема став дали ќе застанат зад Заев.
За разлика од нив, двјацата пратеници на НСДП веќе најавија дека остануваат во власта.
Лидерот Тито Петковски во интервјуто на Заев не слушнал ништо лошо.
„Иако во суштина не кажа ништо лошо, интервјуто на Заев предизвика многу реакции, веројатно поради одредени историски непрецизности и лош избор на зборови. Неговата цел не беше за домашна публика, туку беше наменето за Бугарија, со цел да направи обид Софија да попушти и да дозволи почеток на преговори со ЕУ. Сепак, не верувам дека може да се направи пробив до март следната година, кога треба да се одржат парламентарните избори во Бугарија – изјави Петковски за Фокус.
За разлика од коалиционите партнери, во СДСМ целиот партиски врв цврсто стои зад позициите на премиерот.
Но поддршката од сопартијците нема да му значи многу на Заев доколку само двајца пратеници од тенкото мнозинство кренат рака во корист на опозицијата. За консолидација на своите редови премиерот ќе има нешто помалку од 2 недели бидејќи на 9 декември истекуваат 100те дена по што ќе следи и првото гласање на доверба. Согласно Деловникот, опозицијата ќе биде таа која ќе треба да обезбеди 61 глас во Собранието. Доколку успее во тоа, премиерот е должен да поднесе оставка и мандатот да му го врати на Претседателот Стево Пендаровски.