Македонија
19. December 2017 - 16:28

ВМРО - ДПМНЕ ја бојкотира работата на Советот на Општина Битола во знак на протест против притворите

Во знак на поддршка на битолчанецот Игор Дурловски, како и останатите притворени за настаните во Собранието од 27-ми април, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата  ја напуштија работата на денешната седница на Советот на Општина Битола.

“Во изминатите шест месеци откако СДСМ ја формира власта, сведоци сме на беззаконие, не владее правото во нашата држава, репресија, заплашување награѓаните, политички реваншизам. Сето тоа кулминира  изминатиот месец кога се притворени уставобранителите, луѓето кои имаат само една мана, а тоа е си ја сакат  својата татковина – Македонија, рече координаторот на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата”, Борче Димитровски.

Претседателот на Совет, Валентин Груевски, го предупреди Димитровски дека ја злоупотребува говорница за  политички цели. Но, сепак, не му го исклучи микрофонот и му дозволи да го заврши излагањето.

“Без разлика на имињата што ги спомнуваа, дали се звучни или имале не знам какви звања во општеството, правдата мора да биде подеднаква за сите. И уште еднаш искажувам жалење поради злоупотребата на говорницата за политички цели”, рече Груевски.

Советот на Општина Битола имаше една точка на дневен ред - одлуката за определување на надомест за политичките партии за секој добиен глас на последните локални избори.