Македонија
7. јуни 2018 - 17:03

ВМРО-ДПМНЕ и Таравари контра Филипче за централизирање на биохемиските лаборатории

Не стивнуваат реакциите по најавите на министестерот за здравство за Централизирање на биохемиските лаборатории само во неколку градови.

Од ВМРО ДПМНЕ Прилеп укажуваат дека 130.000 жители од овој град ќе останат без лабораторија и прашуваат што ќе биде со 53-цата медицински лица во болницата и здравствениот дом кои до сега ја анализираа крвта од пациентите.

-Од болница во која се вложени над милион евра за реконструкција и набавка на нова опрема од претходната власт, сега прилепската болница е сведена на најниско ниво на здравствена заштита - без лабораторија за најобично испитување на крвта! Небулоза на 21 век.   Со кој образ министерот изјави дека ќе ги фрли биохемиските апарати кои биле обезбедени од претходната власт? праша  Петар Ристески , престедател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп.

И за поранешниот министер за здравство Арбен Таравари проектот на Филипче за централизирани лаборатории е скандалозен и е на штета на пациентите. Според него никаде во светот нема ваков систем.

-На пример во Полошкиот регион има 300.000 жители и целата крв ќе се носи во Тетово исто ќе биде и во останатите градови каде ќе има централизирани лаборатории. И таму ќе се соберат многу резултати, и ќе настане проблем. Јас прогнозирам дека за кратко ќе се откажат од оваа идеја, изјави за Сител Арбен Таравари, поранешен министер за здравство.

Филипче и денеска остана на ставот дека со овој проект ќе се подобреле лабораториските услуги во земјава, а заштедата ќе била голема.

- Очекуваме сериозно подобрување на лабораториската услуга во нашата држава. Да им се олесни пристапот на пациентите до некои анализи за кои досега мораа да патуваат надвор од нивното место на живеење и серозни заштеди врз основа на добро планирање и добар увид во количината на реагенсите кои се трошат во сите лаборатории, рече Венко Филипче, министер за здравство. 

Според најавите од министерството постапката за Централизирани лаборатории е во тек. Идниот месец ќе заврши распишаниот тендер по што ќе се знае која фирма ќе ги набавува реагенсите, а апаратите и нивното сервисирање треба да бидат бесплатни.