Македонија
22. March 2019 - 19:18

ВМРО-ДПМНЕ гласаше за суспензија на партијата на Орбан од ЕПП

ВМРО-ДПМНЕ гласала за времено суспендирање на една од своите најблиските сестрински партии - фИДЕШ на унгарскиот премиер Виктор Орбан од Европската народна партија, потврдија од опозициската партија. Одлуката ја донеле поради тоа што времената суспензија на ФИДЕШ од ЕПП, според нив, е добар компромис за надминување на разликите на Орбан со останатите партии од ЕПП.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа нема да ги наруши односите со партијата со која тадиционално имаат добри односи, особено затоа што и самата Фидеш си гласала за таквата одлука.

Од друга страна, Фидеш е владејачка партија во Унгарија, државата во која поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски доби политички азил.

Парламентарното Собрание на ЕПП пред два дена го суспендира членството на Фидеш во најголемото европско семејство на партии. За одлуката гласале 190 гласа „за“ и три „против“. Суспензијата значи дека Орбан и ФИДЕШ нема да можат повеќе да присуствуваат на партиските средби, нема да имаат право на глас, ниту да предлагаат кандидати за функции.

Конечната судбината на Фидеш ќе ја решава посебна Комисија на ЕПП предводена од Ромпуј, веројатно по европските избори. Условите се Орбан да ја прекине владината анти-Брисел кампања, потоа Орбан да се извини за тоа што ги нарече европските авторитети „корисни идиоти“ и да се најде решение за статусот на Централно европскиот универзитет во Будимпешта кој го финансира милјардерот Џорџ Сорос.

Сепак, мали се шансите партијата на Орбан целосно да биде исклучена од ЕПП.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ од лидерот Христијан Мицкоски, потпретседателот Александар Николовски, Муцински и кандидатката за претседател Гордана Силјановска приоуствуваше на состаноците на ЕПП во Брисел.