Македонија
31. August 2022 - 16:33

ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од УХМР и Владата, власта со обвинувања за општините

Приведување на првиот човек на УХМР и одговорност од Ковачевски за фрлените милион евра годишно за заштита од невреме. ВМРО ДПМНЕ ги лоцираше главните виновници за последиците од вчерашната непогода, а доказот, според опозицијата, лежи во договорот кој Владата три години по ред го склучува со Аероклуб Скопје.

Тој предвидува, клубот за овој износ буџетски пари, да ги активира авионите и да го спречи невремето со помош на градобијни ракети, а по претходно предупредување од УХМР.

“Доколку не го известиле носителот на набавката со цел да изврши превенција, очекуваме веднаш оставка од директорот на УХМР и Ковачевски како премиер, а потоа и кривична одговорност за истите. Доколку пак е известен и не постапил, ЈО веднаш да пристапи кон негово приведување и отворање на постапка”

Одговор и појаснување на обвинувањата од ВМРО ДПМНЕ добивме од главниот државен метеоролог, кој вели дека барањата за негова одговорност се целосно неосновани.

На ова се надоврзаа и од СДСМ со своја реакција. Велат дека опозицијата покажала тотално непознавање, не само на функционирањето на локалните самоуправи, туку и на самиот систем за авионско засејување на облаци.

“Што се однесува до споменатиот систем за авионско засејување облаци Трипуновски пред да излезе во јавноста треба да се информира и да знае дека се користи само за реагирање, одбрана и превенција на земјоделски површини. За последните три години, процентот на заштита од град за земјоделските површини е 80%. Но, не е до системот, за Скопје под вода, потфрли локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ”, враќаат од СДСМ.

Препукувањето за тоа кој е крив за вчерашните поплави завршува со обвинувањето од СДСМ, дека за хаосот се виновни локалната власт под контрола на ВМРО ДПМНЕ и директорите на јавните претпријатија.