Македонија
7. February 2026 - 16:39

Влезовите на Собранието ќе бидат блокирани во вторник – ССМ почнува со најавените протести

Влезовите на Собранието во вторник ќе бидат блокирани. Сојузот на синдикати ја објави мапата за најавениот протест. Собирот ќе почне во 9 часот наутро, на улиците – „11-ти Октомври“ и „Даме Груев”. Со блокадите ССМ ќе прави притисок да се изгласа минималец од 600 евра и раст на сите останати плати за 100 евра. Синдикалците велат срамно е пратениците да добијат зголемување на платите од 250 евра, а работниците само 25 евра. 

- Пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати. Истите пратеници кои уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е нешто што им го скратиле на работниците и нешто што не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците. Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз, онака како што одат на работа работниците – стои во соопштението на ССМ.

На денот кога се најавени блокадите, според собранискиот календар се закажани една пленарна седница и две комисии. Како ќе работат пратениците и дали можеби ќе се одложат седниците, спикерот Гаши за Сител вели дека ќе се договорат на координација во понеделник. 

Синдикатите добија поддршка од СДСМ кои веќе поднесоа предлог-закон за 600 евра минимална плата, а преку своја математика лидерот на партијата Филипче предложи да се скрати дел од две ставки во буџетот и преку ребаланс да се обезбедат пари. Ваквиот предлог ВМРО-ДПМНЕ не го прифати и го повтори ставот дека за висината на платите синдикатите треба да се договорат со работодавачите. 

Сојузот на синдикати веќе поднесе иницијатива и за намалување на функционерските плати за 80%. Според нивниот предлог, тоа може да се направи така што за основница ќе се земе минималната, а не просечната плата, а коефициентот за сложеност ќе се намали за 40%.

Блокадата на Собранието е прва на план-листата. Веќе во четврток синдикатите ќе се соберат пред Стопанската комора, а на 17-ти февруари ќе ги затворат сите службени влезови на Владата.