Влажното време може да не остави без ајвар
Променливото и влажно време негативно влијае врз новата реколта на земјоделското производство. Последици ќе има речиси врз сите култури, но најпогодени се тие на отворено. Според експертите, периодот со континуирани врнежи од дожд беше причина за појава на голем број болести и штетници, кои може да придонесат за намалено производство со послаб квалитет. Оваа појава веќе била видлива кај посевите со житни култури кај кои според првичните проценки родот ќе биде намален и до 30%.
Неповолните временски услови и преголемата влага во почвата имаат негативен ефект и во градинарството, посебно кај доматите и куртовската капија или популарната ајварка.
За да се ублажат последиците од неповолните временски услови, неопходно е земјоделците во соработка со стручни лица да применат соодветни агро-технички мерки, смета професорот Душан Спасов од земјоделскиот факултет при УГД Гоце Делчев. Според него во решавањето на проблемот со климатските промени треба да се вклучи и државата со активирање на мерките од стратегијата, која наместо само на хартија, треба да се применува и во пракса.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар