Македонија
6. February 2021 - 16:39

Власта тврди дека коалицијата е стабилна, опозицијата вели дека мнозинството во законодавниот дом се ситни

На барањето на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на пролет наместо попис да има предвремени парламентарни избори, поради тоа што владејачката коалиција нема стабилно мнозинство во Парламентот, денеска од Штип, генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, одговори дека, тие имаат најголем коалициски капацитет и дека на претходните избори граѓаните го препознале нивниот западно ориентиран концепт и гласале за трансформација на општеството со нови европски вредности.

Може да потврдам дека направивме најголема историска коалиција, го имаме најголемиот капацитет. Кон нас се прилучуваат Срби, Роми, Бошњаци, Албанци, Македонци, од сите етнички заедници-изјави Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ. 

Опозицискиот лидер своето тврдење денеска го елаборираше преку интерпелацијата на вице премиерот Никола Димитров, кога се покажало дека тој ја нема довербата на 62 пратеници.

Тоа значи дека, доколку денеска би се гласала Влада, тој нема да помине, бидејќи има само 55 пратеници. Мислам дека, наместо да се извртува тезата, треба да се постави прашањето каде исчезнаа 7 пратеници кои што пред само 6 месеци го гласаа Никола Димитров - изјави Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека тие остануваат на ставот дека треба да се укине Законот за попис, зашто е донесен без консензус, а и не може да се спроведе во април од причина што нема време за обука на попишувачите.