Македонија
22. јуни 2019 - 17:02

Власта и опозицијата со посредство на европратеници ќе разговараат во рамките на процесот „Жан Моне“

Собранискиот Деловник, самостојно внатрешно обезбедување на парламентот и финсиска независност на Собранието се трите теми на кои викендов разговараат пратеничките групи со тројцата европратеници задолжени за Македонија Едбард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл.

Состаноците кои се одржуваат во македонскиот парламент се всушност продолжение од ланскиот „Жан Моне“ дијалог инциран од Брисел. Европратениците денеска ќе имаат средба со собранискиот спикер Талат Џафери, додека пак, на сесиите ќе има претставници од 8 пратенички групи, меѓу кои и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Главна тема ќе биде продолжение на преговорите за собранискиот деловник. Власта и опозициијата постигнале согласност за најголем дел прашања поврзани со конститутивната седница која се покажа како проблем со собрнаиските настани од 24 април. Според договореното, конститутивната седница ќе трае најмногу два дена и со неа ќе претседава најстариот пратеник.

Има доближување на ставовите и во делот на постапката за носење на буџет и ребаланс на буџет. И според власта и опозицијата се уште постојат разлики за правото на користење на филибастер методот односно неограничена дебата со цел блокада во парламентот. Брисел и власта инсистираат на ограничување особено за законите со европско знаменце. Опозицијата, пак, смета дека ова е легален механизам да се спречи одредено самоволие на власта.

Пратениците кои се дел од процесот велат дека дијалогот се одвива во добра насока, но дека веројатно на оваа сесија на Жан Моне во Скопје нема да биде постигнат конечен договор за Деловникот. Тој засега не е услов за датум за преговори со Европската унија во октомври.

Пратеничките групи добиле и уверување од премиерот Зоран Заев за поголема финасиска независност на парламентот, односно Собрнаието да располага со свој буџет кој нема да зависи од одбренијата на министерот за финансии.

Првата средба во рамки на дијалогот „Жан Моне“ претставниците на парламентарните партии во Собранието ја одржаа изминатата година во Охрид. Како и лани, и сега оваа сесија ќе заврши со заедничка вечера на европратениците, Џафери, но и лидерите на политичките партии – Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, Мендух Тачи, Зијадин Села, Африм Гаши и Билал Касами.