Бизнис
6. December 2021 - 16:42

Владата утре ќе даде препорачана цена за струјата

Наместо задолжителните минимални 60%, АД ЕСМ одлучи да испорачуваат 100% енергија кон Евн Хоум, истакна денеска генералниот директор Васко Ковачевски. Тој вели дека компанијата ги направи сите подготовки, достави табела цени до владата која треба на седница да донесе одлука за препорачана цена за количините на енергија кои АД ЕСМ ќе ги испорачува до ЕВН ХОУМ за малите потрошувачи и домаќинствата.

-Ние донесовме одлука да испорачуваме 100 проценти енергија во 2022 кон ЕВН ХОУМ и тоа значи дека оваа компанија нема да набавува дополнителни количества енергија кои на берзата се со повисоки цени. Така нашата компанија и натаму ќе остане стабилизатор на цената за домаќинствата и малите потрошувачи. Очекуваме во наредните денови владата да донесе таква одлука, да препорача цена и веќе до 9 декември, до кога е отворениот повик на ЕВН ХОУМ да доставиме официјална понуда и да почнеме подготовки за реализација на планот за 2022 година, изјави Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ.

Тој истакна и дека за оваа грејна сезона ги прават сите напори сите нивни капацитети да ги стават во функција. ТЕЦ Неготино ќе почне со работа до крајот на месец декември и ќе работи до месец април. Во функција ќе биде ставен и трансформаторот на третиот блок, чија санација оди побрзо наместо предвидените шест месеци до година.

- Во РЕК Битола наскоро, до крајот на месецов, во функција ќе биде ставен трансформаторот што беше опожарен, а потоа ќе продолжиме со работа на трите блокови на РЕК Битола. Во изминатите неколку денови е ставен во функција и нашиот капацитет РЕК Осломеј, работи со максимален капацитет и тоа значи сите наши капацитети ќе бидат ставени во функција и ќе произведуваат електрична енергија, рече Ковачевски.  

Инаку денеска започна изградбата на системот за топлификација на Битола, Могила и Новаци кој ќе користи топлинска енергија од РЕК Битола. Градежните работи почнаа во кругот на РЕК Битола, односно во непосредна близина на блоковите за производство на електрична енергија, а изведувачот има рок од две години за изведување на првата фаза од проектот.