Владата не сака да коментира постоење на „француски пакет“
„Владата нема да коментира медиумски содржини за кои нема официјална информација”.
Ова е кусиот одговор кој го добивме од Илинденска, на прашањето дали македонската влада знае за наводниот француски предлог, кој предвидува билатеризација на преговарачката рамка и со кој претседателот Макрон треба да ја убеди владата во Софија да го крене ветото.
Од македонската влада не добивме ниту одговор дали содржината на ваквиот предлог евентуално би била прифатлива, со оглед на тоа дека досега се противеа на тоа - спорните прашања со Бугарија да се најдат во преговарачкиот текст со ЕУ.
Информацијата се појави во бугарските медиуми, во исто време кога стигна и поканата од Макрон до бугарскиот државен врв за нивна посета на Париз. Беше објавено дека на двоецот Петков – Радев ќе му биде претставен нов предлог, кој содржи француски гаранции дека барањата на Бугарија ќе бидат исполнети.
Но, за разлика од македонскиот владин кабинет, бугарските политичари отворено и пристапија на темата. Најпрвин претседателот Радев рече дека нема да патува во Париз бидејќи нема напредок по македонското прашање.
Најави и можен референдум за тоа дали Македонија треба да ги почне преговорите, став со кој не се согласува Петков и кој наиде на некои негативни реакции во јавноста.
Премиерот Петков беше уште поконкретен. Изјави дека засега нема видено никаков француски предлог и дека финалниот збор ќе го има Народното собрание кое идната недела ќе расправа на темата.
Во меѓувреме, бугарски професори се ангажираа да ја бранат позицијата на официјална Софија.
Линвистката Ана Кочева, која во сите нејзини досегашни настапи тврди дека македонскиот јазик е западно бугарски дијалект, заедно со археологот Овчаров и историчарот Павлов ќе бидат тројката професори кои идната недела во Европскиот парламент во Стразбур, ќе ги убедуваат европратениците дека почетокот на преговори треба да се случи само откако Македонија ќе ги исполни сите услови кои ги бара Бугарија.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
