Владата ќе исплати 1,5 милиони евра аванс за штетите од поплавите
Владата на вчерашната седница донесе одлука за авансно обесштетување на граѓаните погодени од поплавите во Скопско, информира премиерот Емил Димитриев при денешната посета на поплавените куќи во општина Илинден.
- На вчерашната седница донесовме одлука авансно да помогнеме во исплатата на штетите на настраданите семејства од поплавениот регион, со средства кои во овој момент ги имаме од стоковите резерви. Тоа се околу 100 милиони денари или околу 1,5 милиони евра. Паралелно ќе се одвива и процесот на проценка на штетите, и за домаќинствата и за компаниите, рече Димитриев.
Граѓаните од Илинден побараа да се донесат пумпи за испумпување на водата. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој заедно со градоначалникот на Илинден Жика Стојановски го придружуваше премиерот Димитриев, рече дека за два часа ќе пристигнат 20 пумпи.
Премиерот Димитриев, министерот Мисајловски и градоначалникот Стојановски ја посетија индустриската зона во Илинден и куќите во населбата Илинден кои се под вода од саботата, како резултат од невремето што го зафати скопскиот регион.
Граѓаните изразија загриженост што се уште се без струја. Димитриев ги информира дека ќе дојдат стручни тимови од ЕВН за да проценат дали треба да се вклучи за да не дојде до проблеми. Според него, најважно е да се испумпа водата, а потоа да се создадат услови за да се приклучи електричната енергија.
Министерот Мисајловски рече дека до утре околу 90 отсто од струјата ќе биде пуштена во општина Илинден.
Градоначалникот Стојановски информира дека во индустриската зона во Илинден целата вода од сливното подрачје што беше зафатено со невремето се слива кај комплекост, на влезот во Илинден, пред автопатот.
- Овој дел, како најнизок се заезери бидејќи го зафати првиот бран од водата што дојде и целата вода ќе поминува низ канал преку Илинден, Марино, Кадино, Мралино, Петровец и оди во Таор, каде со пумпи се префрла во Вардар, рече Стојановски.
Во Илинден денеска се приклучени десетина пумпи и дополнително дваесетина со помал капацитет. Во дворовите или во пониските делови од компаниите ќе се извлекува водата со помош на цистерни.
Компаниите, како што рече, имаат штета од водата и неколку дена не работеа бидејќи не можеа да влезат во своите простории. Додаде дека има значително подобрување и нивото на водата се намалува. Нагласи дека ќе треба дополнителни цистерни и пумпи.
Мисајловски информираше дека тука се ангажирани најголемите капацитети од една приватна компанија.
- Од вчера до денеска има голем напредок. Веќе половина од водата е симната. Очекувам со пробивање на каналите да има многу напредок, рече Мисајловски.
Премиерот Димитриев замина во посета на поплавените во Стајковци.
Ново на Сител
-
Арачиново: Ги викнале да разговараат за 7.000 евра долг па извадиле пиштоли и почнале да ги пукаат
-
По три години, од 3 мај летови Скопје Барселона, стартува и авиолинијата за Лион
-
МЕРМС: Двојно поголема наплата, рекордни 247 милиони денари за три месеци
-
Охриѓанец со „пасат“ удрил во столб за видеонадзор на ГП Табановце
-
Приведен возач од Тетово, управувал возило со брзина од 111 км на час на место каде е дозволено 50 км на час
-
Вработени во РТС поднесоа петиција а РЕМ до Парламентот: Да престанеме да жмиркаме и да не гледаме она што го гледаат сите
-
Автомобил превртен по сообраќајка во Аеродром
-
Одбележување на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа