Македонија
25. March 2025 - 16:43

Владата ја запира постапката за разрешување на државниот обвинител

Премиерот Мицкоски дава шанса на државниот обвинител Коцевски. Постапката за негово разрешување се запира, бидејќи обвинителството покажало резултат во расветлувањето на пожарот во Кочани.

„Во овој момент, имајќи ја во предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа затоа што цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот кој се случи во Кочани треба да работат и да сработат. Да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни, впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство која што резултираше со 34 обезбедени лица кои што имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај, но, тука нема да застанеме“, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.

Предлогот за разрешување на Коцевски е веќе во Советот на јавни обвинители и ќе се разгледува на утрешната седница. Од таму за Сител велат дека немаат известување за сопирање на постапката, а законот ги обврзувал да го разгледаат предлогот за разрешување.

Во меѓувреме, Мицкоски го охрабрува обвинителството да преиспита и други несреќи од минатото.

„Јавноста е чувствителна и на некои случаи од минатото кои што ќе треба сега да видиме, да почекаме Јавното обвинителство дали има амбиција и тука да констатира некои неправилности од минатото и дали би можело, можеби повторно тие случаи да ги преразгледа, па да видиме дали навистина сме сите за правда, или таа правда треба да биде селективна. Да видиме дали навистина таа правда некогаш е добиена, или таа правда била селективна“, вели Мицкоски.

По трагедијата во Кочани, граѓаните побараа правда и за пожарот во тетовската модуларна болница и автобуската несреќа кај Ласкарци кои и по шест години немаат судска разрешница. Повторно отворање на овие случаи најави и премиерот.