Македонија
6. јуни 2020 - 16:35

Владата ја стопираше постапката за избор на ректор, Јанкуловски тврди дека тоа е мешање во автономијата

Се стопира почнатата процедура за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. По двонеделните препукувања меѓу Независниот академски синдикат и актуелниот ректор, Владата пресече - сите почнати постапки за избор на раководен орган на универзитетите се ставаат во мирување.

Одлуката следува откако Синдикатот во средата побара од Владата прецизирање на членот пет од Уредбата за Законот за високо образование. Членот требаше да разјасни дали најголемиот Универзитет во земјава смее да организира избори во вонредна состојба, но беше различно толкуван од спротиставените страни.

Од Независниот синдикат велат дека одлуката е навремена и со неа се заштитуваат демократските принципи на универзитетите.

„Добивме една принципиелна поддршка, задоволни сме затоа што ова ќе значи давање на можност да почне процесот на демократизација на Универзитетот и да се обезбеди неговото автономно дејствување”.

Спротивен став доаѓа од актуелниот ректор. Ова е обид за нарушување на автономијата, дециден е Јанкуловски.

Иако во одлуката на Владата се вели дека “Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба...”, ректорот тврди дека текстот повторно остава можност за различни толкувања.

„Постапката за избор на сенатори може да продолжи што е многу чудно. Не е јасно зошто постапката за ректор се стопира, а за сенатори продолжува кога и двете се со тајно гласање. Со Уредбата е направен директен упад во автономијата на Универзитетот...”

Сега на потег е Универзитетската изборна комисија, смета професорот Живковиќ, кој и самиот е кандидатит за нов ректор. За него постои недоумица дали заедно со другите кандидати треба да го испочитуваат рокот предвиден за пријавување, кој истекува в понеделник.

„За мене одредбата е јасна. Сите процеси треба да завршат, но мора Комисијата, за да нема никакви дилеми да искочи со јасен став. Очекуваме надлежните, а се знае кој е надлежен, под итно да ги стопираат сите постапки, вклучувајќи го и изборот на сенатори”.

Изменетата Уредба од Владата, според проректорот, решава само дел од постоечките проблеми со кои се соочува Универзитетот, а еден од нив е и изборот на претседател на Сенатот.

Изборите за сенатори на повеќето факултети и институти се завршени, а на некои тоа требаше да се направи в понеделник.