Македонија
24. November 2024 - 17:43

Владата и банките договорија 1,95% камата за унгарските пари

1,95% ќе биде каматната стапка за 250-те милиони евра кои стопанството ќе ги добие за инвестиции. Владата постигнала договор со дел од банките, а премиерот очекува и другите да се приклучат. Банките за кои каматната стапка од 1,95% не е прифатлива, нема да учествуваат во проектот.

Компаниите ќе имаат до три години грејс период и до 15 години на отплата, во зависност од потребите. Максималниот износ кој една компанија ќе може да го земе како кредит е 10 милиони евра.

- Условите се минимум 20% да има сопствено учество, што значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Ќе имаат можност сите оние компании кои ќе ги вложат овие средства во основни средства за работа, но и оние кои ќе вложат во обновливи извори на енергија, но и оние кои ќе вложат во објекти како свои административни објекти, односно за сопствена потреба, вели Мицкоски. 

250-те милиони евра државата ги обезбеди како кредит од унгарската „Ексим“ банка која во е во стопроцентна сопственост на државата.  Условите по кои државата го зема заемот од Унгарија се 3,25% годишна камата, тригодишен грејс период и 12 години отплата на кредитот. Каматата за овој кредит ќе ја плати државата. 

Вкупниот заем е половина милијарда евра, но половина од парите одат кај општините за изградба на инфраструктурни проекти.