Македонија
11. January 2022 - 19:54

Владата го разреши Бучковски

Услугите на Владо Бучковски како специјален претставник за Бугарија повеќе нема да и бидат потребни на Владата. Ваква е проценката од “Илинденска”, од каде што му се заблагодарија на Бучковски за досегашниот ангажман и напори, со кои, како што посочуваат, придонел кон одржувањето на добрососедските и пријателските односи меѓу двете земји.

Разрешувањето на Бучковски поминало на денешната владина седница, како дел од точката „кадровски решенија“. Во образложението се вели дека мандатарот Ковачевски и бугарскиот премиер Петков во претстојниот период лично ќе договараат каков пристап ќе заземат за решение на спорот.

“Се очекува, согласно разговорите меѓу премиерите на двете држави и меѓу мандатарот за премиер Ковачевски и премиерот на Бугарија Петков, двајцата нови премиери согласно заеднички утврдена методологија да ги утврдат начините, ресурсите и чекорите кон конечно решавање на отворените прашања, потпирајќи се на условите и успесите постигнати од сите чинители во досегашните процеси”, соопштија од владиниот кабинет.

Ми беше чест што изминативе 13 месеци бев специјален претставник на Владата за односите со Бугарија, вели Бучковски по разрешувањето.

“Бев именуван две недели по блокадата на Бугарија во исклучително сложени околности. Беше нарушена меѓусебната доверба и преовладуваше говорот на омраза. И во вакви неповолни околности дадов сè од себе да не замре дијалогот и да не дојде до натамошна негативна ескалација во односите на двете држави…Се надевам дека со мојот ангажман дадов и свој придонес кој ќе биде од значење при скорешното продолжување на дијалогот помеѓу двете влади и двајцата нови премиери, дијалог кој ќе се води со нова позитивна енергија и нова преговарачка методологија”, вели Бучковски. 

Универзитетскиот професор и експремиер имаше задача да работи со бугарските власти со една цел – создавање на атмосфера за решавање на отворените прашања. Беше назначен во декември 2020-тата, со мандат од една година, а пред месец и половина мандатот му беше продолжен на владина седница.

Попладнево, пак, шефот на бугарската влада информираше за исходот од вчерашниот состанок на политичкиот врв на тема Македонија. Не очекува нов старт, вели Петков, а ќе преговараме на неколку теми.

Бугарскиот премиер требаше да дојде во посета на Скопје на 18-ти јануари, но неговата посета се одложи. Петков, како и целиот државен врв од денеска се во изолација по вчерашниот состанок на Советот за национална безбедност, откако претседателот на Собранието Минчев објави дека е позитивен на Ковид-19.