Бизнис
28. March 2018 - 13:46

Владата е подготвена за тендерски постапки за капиталните инфраструктурни проекти

Кога влеговме во Владата немаше технички проект за железничката линија Кичево - Албанија и за патот Скопје - Блаце што е само 13 километри на македонска територија, не беше завршен проектот Кичево - Охрид, не беа дозавршени проектите на железницата кон Бугарија, автопатиштата беа проектирани, но не ревидирани, а немаше ниту проект за делницата Гостивар - Кичево, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев на форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“.

Анѓушев претходно, во текот на дискусијата, напомена дека за раст на мала економија како македонската, освен креирање извозно ориентирани, конкурентни компании, неопходно е и инвестирање во капитални, но одржливи инфраструктурни проекти за кои најпрво е потребно изготвување технички проекти, а потоа и распишување тендери. 

- Каква инфраструктура ќе почнете да градите ако немате технички проекти? Без технички проекти, имате само желба. Во изминатите седум-оусм месеци ние влеговме во проектирање. Сега има готови проекти за половина пат од Кичево до Гостивар, (Кичево - Богојчани), за железницата Кичево - Лин, за железницата кон Бугарија, како и ревидирани проекти на автопатот по Коридорот 8. Пракично, веќе сме подготвени да почнеме со тендерски постапки. Но, тие мора да бидат транспарентни. Во разговори сме со финансиските институции, ЕБРД и Светска банка, од каде имаме позитивни сигнали за финансирање. Кога имаме технички проекти и финансирање, тоа е квалитетна инфраструктура, подвлече Анѓушев.