Македонија
1. јуни 2023 - 21:26

Владата бара адвокат за арбитражата со италијанскиот конзорциум кој тужи за Клинички

Владата се уште нема адвокат што ќе ја претставува државата пред судот во Париз за арбитражната постапка поради раскинатот договор и неизградениот Клинички Центар.  Колку пари  ќе се одлеат од буџетот ќе се знае на крајот на процесот иако почетното барање на италијанската компанија е 18 милиони евра. За разлика од ИНСО кој има адвокатски тимови, македонските власти го разгледале и усвоиле извештајот од проектната единица и следната фаза е што побрзо да биде најден застапник.

Во врска со Вашите прашања Ве информираме дека Владата на Република Северна Македонија на 156-та седница ја разгледа и усвои Информацијата на Министерството за здравство за отпочната арбитражна постапка по однос на раскинување на Договор за изведба на градежни работи на Универзитетски Клинички Центар „Мајка Тереза“.

Во тој контекст сакаме да истакнеме дека Владата на Република Северна Македонија го задолжи Координативното тело за следење на арбитражни постапки произлезени од меѓународни договори, во најкраток можен рок да ги преземе сите потребни активности за обезбедување на меѓународен застапник што ќе обезбеди застапување и правна стручна поддршка на Министерството за здравство во сите фази на поведената арбитражна постапка, велат од Влада.

Освен што треба да најде адвокат, координативното тело е задолжено да достави предлог до Владата за понатамошно постапување.

Италијанската компанија пред да почне арбитражната постапка неколкупати праќала писма до Министерството за здравство дека треба плаќање на отштета поради непочитување на постапките.

Договорот со ИНСО во 2017 го потпиша Тодоров, Филипче го раскина, а од буџетски пари ќе плаќаат пенали на неизграден објект.