Македонија
20. August 2025 - 16:39

Влада: Успешно завршени три од осум арбитражни постапки

Успешно завршени три арбитражни постапки во корист на државата. Портпаролката на Владата уверува дека овие постапки на државата ѝ заштедиле 565 милиони евра.

-Арбитражна постапка позната како Казандол против Македонија со вредност од околу 115 милиони евра. Арбитражна постапка позната како САСА против Македонија, со вредност од 445 милиони евра. Арбитражна постапка ГАМА против Македонија, со вредност од над 5 милиони евра. Овој исход е потврда дека со транспарентност, одговорност и заедничка работа можат да се постигнат резултати кои во минатото беа претставувани како невозможни, вели Митева.

За премиерот Мицкоски е сомнително како се одвивале арбитражните постапки.

-Вистинското прашање е како во минатото пракса беше да се губат арбитражите. И како сега наеднаш арбитражите се добиваат во полза на државата и треба тоа да се истражи, да видиме зошто тоа се случувало. Да, ние направивме промени во адвокатскиот тим. Но некако симптоматично е како во минатото се губие сите арбитражи, како по правило, а сега ги добиваме, како по правило, вели Мицкоски.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи вели, минатата Влада од која и тој беше дел работела исклучиво во интерес на државата. Ваквите сомневања ги оцени само како ниски политички удари.

-Вистина е дека во Владата на СДСМ беа поведени осум арбитражни постапки. За жал сите арбитражни постапки покренати беа од процеси коишто се започнати во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и тоа се последици на нивното криминално однесување. И последниот случај на Казандол покажува дека намерата за криминал и корупција беше сузбиена од страна на државата зашто ние поставивме многу високо ниво на одбрана на државните интереси, вели Битиќи во изјава за Сител.

Последниот случај е Казандол, арбитража вредна 115 милиони евра. Според информациите од владините претставници, Македонија била застапувана од моќно адвокатско друштво во Лондон.