Македонија
4. October 2024 - 8:59

Влада: Приоритет е подобрувањето на здравствениот систем, здравствената заштита, услугите за пациентите

Подобрување на здравствениот систем, здравствената заштита и на услугите за пациентите е приоритет на Владата и на премиерот Христијан Мицкоски. Сто дена нова влада, значи вработување 600 специјализанти во дефицитарните области, укинување економски директори, нова магнетна резонанца во поликлиниката „Идадија“, реновирано Одделение на дигестивна хирургија и нова апаратура, проширување на Позитивната листа за девет генерици или 87 лекови, се истакнува во денешното соопштение на владината прес-служба.

- За 100 дена влада се укинаа постоењето 1.000 економски директори и со тоа се става крај на дуализмот во здравствениот систем. Со ова, прецизно ќе се лоцира одговорноста во менаџирањето на институциите, а ќе се заштедат и финансиски средства. Здравствените установи имаат само медицински директори, кои ќе управуваат со здравствените установи, се наведува во соопштението.

Потсетуваат дека вработувањето 600 специјализанти во јавните здравствени установи во дефицитарните области, ќе се одвива во две фази. Вработување 300 специјализанти до крајот на годинава и уште толку, наредната. Со ова, како што се нагласува, им се дава шанса на младите доктори, а се решаваат и проблемите со гужвите по здравствените установи.

- Конечно после деценија, новата влада во првите 100 дена донесе одлука за проширување на Позитивната листа со девет генерици или 87 лекови, во различни имиња, форми, јачина и пакување и тоа за крвен притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција. Ова е значително олеснување за пациентите, со што вкупно еден милион евра ќе останат кај граѓаните, се додава во соопштението.

Се нагласува и дека комплетно е реновирано Одделението за дигестивна хирургија со нови кревети, плакари, врати и осветлување. Се набави и апаратура за лапароскопски столб и изведба на оперативен зафат со употреба на флуоресцентен контраст, како што се додава, во вредност од 1.000.000 евра.

Дополнително, во поликлиниката „Идадија“ во ЈЗУ Здравствен дом - Скопје е пуштен во употреба новиот апарат за магнетна резонанца во вредност од 1.300.000 евра, што од медицински аспект претставува врв во дијагностиката, што дава најдобар приказ, визуелизација на дефинитивна и детална слика на внатрешни органи и меки ткива, неинвазивна, безболна метода, што употребува нејонизирачко зрачење и е предност во однос на сите други дијагностики во радиодијагностиката. За 100 дена нова влада има 100 проекти и мерки за граѓаните.

- Владата покажа дека може поинаку. Владата покажа како се работи посветено и во интерес на пациентите. Продолжуваме посветено да го подобруваме здравствениот систем во Македонија за сите граѓани, пишува во соопштението.