Вкупно 20 случаи на голема кашлица во Скопје, зголемен и интересот за вакцинација со Ди-Те-Пер
Вкупно 20 случаи на пертусис, или народски кажано голема или магарешка кашлица, се евидентирани на територија на Скопје до овој момент, потврди за МИА, доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје. Но, таа нагласи дека бројот се менува од час во час.
Претходно денеска, во Вакциналниот пункт „Букурешт“ во Скопје информираа дека зголемен е интересот за вакцинирање по зголемениот број случаи со голема кашлица, а најавено е и двосменско работење и работа во сабота.
- Од утрово до 11 часот имавме околу 60 дечиња вакцинирано. Ако вообичаено бројките на дневно ниво ни се меѓу 20 и 30, денеска и тоа засега, бројката ни е двојно поголема. Тука е нели стравот на родителите, но и мерката за забрана во градинките за невакцинираните, изјави Сања Цилевска Младеновска, доктор педијатар.
Деновиве заседаваше и Комисијата за заразни болести и донесе препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје.
Здравствените власти периодов апелираат до граѓаните да се вакцинираат и себеси и најмладите, со цел да се заштитат од пертусис. Како што нагласуваат, вакцината која се прима на 2,4,6,18 месеци и на 7 години е клучна за да се спречи понатамошно ширење на болеста.
- Од Комисијата за заразни болести има заклучоци и истите треба да бидат одобрени на владина седница. И во закон стои дека секое дете, кое што нема примено одредена вакцина, не ќе може да биде дел од системот на детска заштита. Ќе ги провериме градинките и нашите инспекциски служби ќе видат каде треба да интервенираме, за тоа да биде пракса и за да го спречиме ширењето на оваа епидемија, барем во Скопје, како жариште во овој момент, изјави вчера министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски.
Министерот за здравство во техничката Влада, Фатмир Меџити вчера рече дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.
- Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Ова е тоа што сакаме да ги стимулираме, сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот, подвлече Меџити, кажувајќи дека ќе го потпише документот за прогласување епидемија.
Во државава има хоспитализирани деца, но и возрасни со пертусис. Надлежните сепак велат оти кај нас состојбата е стабилна и за разлика од други држави во регионот, за среќа немаме смртни случаи.
Ново на Сител
-

Сојузот на спортови на Скопје ќе ги додели традиционалните награди „13 Ноември“
-

Трамп во интервју за „Фокс Њуз“ за тужбата против Би-Би-Си: Мислам дека имам обврска да го направам тоа
-

Средба на премиерот Мицкоски со потпретседателот на ЕИБ, Роберт Де Грот и потпишување договор за соработка
-

Во Белград конференција „Western Balkans 2030“, меѓу учесниците потпретседателот на Владата Стоилковиќ, министерката Божиновска и министерот Муртезани
-

Формирањето влада во Холандија западна во ќорсокак
-

Во напади со дронови во Русија оваа година загинале 392 лица
-

Сончево, претпладне со услови за магла по одделни котлини
-

Ѓорѓиевски: Скопје ќе биде украсено како што треба да биде и како што заслужуваат нашите граѓани
