Македонија
1. July 2019 - 16:19

Високи дипломатски извори инсистираат на решение за СЈО до крајот на месецов

Крајот на јули, а не средината на септември треба да биде затворено прашањето околу статусот на СЈО и новиот закон за обвинителство, предупредуваат дипломатски извори за Сител. Пораката стигнува откако преговорите меѓу власта и опозицијата за ова прашање веќе неколку месеци се во застој.  Меѓународната заедница очекува да се даде итност на прашањето.

„Одлучувањето во последен момент може повторно да ја доведе земјата во неизвеснот и исчекување на одлуките на државите на ЕУ кои треба да одлучат за датум за преговори за членство во октомври“, велат изворите.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ најави свој закон за обвинителство, но немаат рок кога тој би бил испратен во парламентот.

Во новото законско решение, според партиски извори, се бара независен буџет за целото Јавно обвинителство кој би се движел од еден до еден ипол отсто од државниот буџет. Тоа би значело обвинителството да добива од 34 до 51 милион евра годишно кои потоа самостојно треба да ги распределува. Сега, Јавното обвинителство добива околу 8,2 милиони евра.

Поголемиот и самостоен буџет, според ВМРО-ДПМНЕ, ќе донесе понезависно и попрофесионално јавно обвинителство. Прашањето за мандатот на СЈО и тоа дали снимките можат да бидат користени как докази, според ВМРО-ДПМНЕ биле апсолвирани со сегашниот закон за СЈО и со законот за кривична постапка.

Од министерството за правда пак, велат дека се уште го немаат добиено предлогот на опозицијата.

„Кога ќе го добиеме ќе се произнесеме. Доколку има подобрувања на текстот, секако ќе бидат прифатени. Ако има скриена амнестија, нема да биде прифатена“, велат од министерството за правда.

И академиците апелираат на компромис и побрзо решавање.

Последната работна средба тимовите на власта и опозицијата за СЈО ја имале на 10 мај.