Вишиот обвинител Хајрулахи останува суспендиран од работното место
Мустафа Хајрулахи останува суспендиран од раководната позиција во Вишото обвинителство. Зад затворени врати со седум гласа ЗА Советот на јавни обвинители, денеска ја отфрли жалбата на Хајрулахи кој бараше укинување на одлуката за негово оддалечување донесена од државниот обвинител.
Расправата беше затворена за Јавноста бидејќи според советот, така се штител интегритетот на обвинителот Хајрулахи. Причините да остане суспендиран, Советот на обвинители ќе ги објавел по усвојување на записникот од седницата.
„Во овој момент додкеа не се усвои записникот, не би можела да споделам со вас. Се поради законската обврска и за податоците кои што беа изнесени како и за интегритетот на јавниот обвинител“, изјави Душица Димитриевска, Претседател на Совет на Јавни обвинители.
Според Димитриевска, во предметот била и кривичната за мобинг поднесена против Хајрулахи заради која и беше суспендиран, но како што рече, не била нивна работа да ги анализираат доказите во пријавата.
За разлика од мнозинството, спротивно мислење имаше членот на советот Кети Петкова. Рече дека е недопустливо кривична за мобинг да биде повод за суспензија.
„Тоа значи дека ние ќе му дадеме право на Државниот јавен обвинител да ги суспендира сите државни органи, сите кои се на раководни места доколку на некој не му се допаѓаат. Ќе најде четворица вработени, тие ќе поднесат кривична пријава за малтретирање во службата и секој од највисоката функција ќе можеме да го суспендираме од вршењето на функцијата„ рече Кети Петкова, Член на Совет на јавни обвинители.
Минатата недела пак Хајруахи, рече дека причина за неговата суспензија е предметот со бонусите кои ги добиваа обвинителите од поранешното СЈО. Се пожали на брутелен притисок од државниот обвинител Коцевски за кој рече дека барал предметот да се затвори, а ВМРО-ДПМНЕ како подносител на кривичната пријава, да нема својство на оштетен.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар