Македонија
13. December 2016 - 17:06

Вирусите и настинките ја наполнија Клиниката за детски болести

 

Бронхити и респираторни инфекции дијагностицирани кај новороденчиња стари само еден месец. Бебиња од Гинекологија наместо дома завршуваат на Детска клиника со вирусни и бактериски инфекции. Директорката Аспазија Софијанова вели дека установата е преполна со болни дечиња. Евидентирале за една третина повеќе пациенти  од лани. Дневно во амбулантите има по најмалку 100 прегледи. На некои од одделите додаваат и кревет плус. Таков е случајот на неонатологија каде во моментот нема место за прием на нови пациенти.

-  Капацитетот е преполн. Најчесто се горнореспираторни инфекции кои кај новороденчињата веднаш се симнува на долните дишни патишта. Кај нив многу не размислуваме за хоспитализација, бидејќи се многу мали и веднаш може да се промени состојбата, , вели Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести

Софијанова во својата долгогодишна кариера не памети толку голем број на новороденчиња со респираторни инфекции, колку што има последните неколку години. Причините за тоа ги гледа во загадувањето, климатските промени и временските услови. Апелира до трудниците посебно да внимаваат во последниот месец од бременоста.

-Мора да внимаваат да не дојдат во контакт со вируси, бидејќи потоа тоа го пренесуваат на новороденчето. Само овој месец имаме два вакви случаи со компликации, вели Софијанова

За да не дојде до компликации, директорката на Клиниката за детски болести вели дека решението е во навремена и брза дијагностика и почесто носење на децата на чист планински воздух.