Македонија
30. October 2025 - 16:28

Винаријата Монтеко го промовираше премиум виното Волкано

Во Англиски паб Корнер, со присуство на вински витези, дегустатори, добри познавачи на вино, јавни личности, политичари и македонскиот Џет Сет, беше ексклузивно промовирано Волкано, новото македонско премиум вино.

Од лозови насади на 600 м надморска висина, на вулканска почва, од сортата Каберне Совињон и одлежано во Француски дабови буриња, Волкано е нешто ново и уникатно на македонските простори. Амбалажата на виното симболизира вулканска лава и потсетува дека во светот се ретки винарии и вина кои што се одгледуваат на вулканска почва. Ваквата почва гарантира високи вински киселини и богата палета на ароми и комбинација на извонредни вкусови.

Каберне Совињон или кралот на виното како што милуваат да го викаат љубителите на виното, рачно набрано од најзрелите гроздови во неколку наврати, го дава својот полн потенцијал во Волкано со извонредна комплексност на ароми. Виното ферментираше на температура малку повисока од 24°C за да се постигне поголема екстракција на боја и танини, а потоа созреваше 14 месеци во дабови буриња Seguin Moreau.

Винските витези го окарактеризираа како премиум македонско вино, со каректеристики кои ги нема на овие простори, вкусот и аромите се буке на димести и графитни нијанси во комбинација со живописно црвено овошје, слоеви зачини, суптилен бибер и типичен сортен карактер. Нотите на ванила и темно шумско овошје додаваат длабочина, додека живата киселост внесува енергија и долготрајност на непцето.

Сите присутни на промоцијата на Волкано беа едногласни дека Волкано е идниот македонски шампион на светските натпревари на вино.