Македонија
21. February 2025 - 16:37

Венко Филипче е единствениот кандидат за лидер на СДСМ на внатрепартиските избори

Венко Филипче е единствената опција за нов лидер на СДСМ, откако рокот за кандидатури заврши без други пријавени кандидати. Внатрепартиските избори ќе се одржат на 16 март, но без вистинска трка – Филипче ќе влезе во изборниот процес сам, бидејќи никој не се пријавил за лидерското место. Останува само членството формално да ја потврди неговата кандидатура.

Тоа што Филипче е единствениот кандидат за претседател на СДСМ не се должи на недостатокот на желба за политичко лидерство во СДСМ. Според домашните експерти можни се две сценарија- дека политичката борба завршила со првите внатрепартиски избори и според статутот на партијата на Филипче треба да му се продолжи мандатот или пак се чека исходот од локалните избори. 

На минатите внатрепартиски избори во јуни минатата година во трката за лидер на СДСМ кои требаше да го наследи Димитар Ковачевски беа, Венко Филипче, Јован Деспотовски, Славјанка Петровска и Александар Бајдевски. Со нешто над 9.000 гласа од членството, Филипче застана на чело на партијата ветувајќи реформи и реорганизација на СДСМ.  

Последен кој изрази незадоволство од изборот на Венко Филипче за лидер на Социјалдемократскиот сојуз беше поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов кој напиша на социјалните мрежи Март е пролет, пролет е СДСМ, но по истекот на рокот е јасно дека ниту тој не се приклучил во трката за лидер на партијата.