Велосипедско возење во знак на поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани
Наместо протестен марш по градските улици, денес кочанчани во знак на поддршка и сплотеност со семејствата на починатите и повредените во трагедијата во дискотеката „Пулс“, организираа велосипедско возење. Над 300 велосипедисте и спортисти, заедно со родителите на починатите, од централното градско подрачје се упатија кон селата Грдовци, Мојанци и Долни Подлог или по т.н „патека на оризот“, за во 12.05 часот пристигнат пред „дискотеката на смртта“ за да оддадат едноминутна почит.
- Почит кон трагично починатите, кон пријателите, семејствата, родителите, повредените. Сочувствуваме сите заедно и ја делиме болката која се прелеа во целото општество. Владее голема тага, вознемиреност, збунетост. Исто така се чувствува и огромна поддршка на „маршовите за ангелите“. Меѓутоа неминовно е да се запрашаме, дали треба да ни се случат трагедии за да си подадеме рака и да се сплотиме, изјави Жаклина Пауновска Ангелковиќ, инспектор по сообраќај, ЛС- Кочани
На настанот уште еднаш беше потенцирано незадоволството од реакцијата на институциите на системот по трагедијата.
- На 4-ти мај 1903 во борба загина Гоце Делчев, животот го даде за Македонија, Македонија слободна да биде, а денес, на 4-ти мај 2025 година Македонија е заробена држава. Заробена е во авторитет на центар на моќ, власта, без контрола и баланс, која ни го донесе 50-тиот ден од нашата болка, празнина и тежина, додаде Пауновска Ангелковиќ
Родителите, роднините и пријателите на настраданите порачаа дека ќе продолжат со собири и протести и ќе бидат уште погласни во барањата правдата да излезе на виделина.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар