Македонија
13. July 2016 - 15:42

Велосипедски полициска патроли од денеска низ Охрид

Охридската полиција од денеска почнува со редовните сезонски велосипедски патроли низ градот и туристичките населби во околината. Тројца униформирани полицајци ќе се вклучат во превентивно и репресивно делување пред се во активности за спречување кражби, но и какви било обиди за вршење кривични дела и прекршоци, откривање и приведување на сторители на разни казнени дела по плажите и паркинзите, како и во централното градско подрачје.

Велосипедистите-полицајци ќе работаат на реализација на мерките за одржување на јавниот ред и мир за што имаат минато посебна полициска обука.

Велосипедската полиција е модерна замисла за нова и современа форма на полициско работење што треба да обезбеди партнерство и поблизок контакт со граѓаните, збогатување со нова содржина во превентивното делување со што кај јавноста треба да се подигне нивото на позитивна перцепција за полицијата како јавен сервис во служба на граѓаните. Таа е обид за поголема мобилност на полициската служба, посебно во летните месеци кога има зголемена фреквенција на сообраќајниците во Охрид, можност за побрзо пристигнување на местото на настанот каде има нарушување на јавниот ред и мир или кражба посебно во централното градско подрачје, откривање и пронаоѓање на сторителите на казнени дела, нов облик во одржувањето на јавниот ред и мир, укажување помош и заштита на граѓани и субјект за поголема ефикасност во извршувањето на вкупните полициски работи утврдени со закон.

Велосипедските полициски патроли во Охрид стартуваа на 17 јули 2008 година, како припадници на полицијата со завршена посебна едномесечна обука, реализирана од инструктор со сертификат за посебни техники на полициско велосипедско патролирање, претходно обучен од американски полициски обучувачи за полициско патролирање на велосипед. 

Како што се наведува во полицискиото соопштение, патролата во изминативе години целосно го оправдала своето постоење и значително придонела во подигнувањето на степенот на севкупната безбедност во Охрид.

Патролата претставува посебна туристичка атракција која со воодушевување е прифатена од охриѓани и од туристите. Патролата е редовно присутна и во обезбедување на значајни концерти и спортски манифестации што во летниот период се одржуваат во Охрид, како и во разни проектни активности на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, невладините организации, велосипедските клубови и други локални спортски организации.

Покрај позитивното делување на релација полиција-локална заедница и зголемената можност за поблизок контакт со граѓаните посебно со младите, патролата го афирмира велосипедизмот како спортска дисциплина и здрав начин на живот, ја промовира грижата за здрав начин на живот и го надоградува позитивниот имиџ во јавноста. Секако дека постои и значителна економска оправданост од постоењето и работата на велосипедската полициска патрола.