Македонија
10. September 2015 - 14:39

Вељаноски се сретна со шефот на Мисијата на ОБСЕ, Суомалаинен

Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски денеска се сретна со шефот на Мисијата на ОБСЕ, Нина Суомалаинен. 

Соговорниците оцениле дека средбата претставува одлична можност да се разменат мислења и ставови што се од големо значење за Собранието на Република Македонија и воопшто за државата.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Вељаноски, станало збор и за актуелните случувања во Македонија, особено на политички план. Поздравено е повторното отпочнување на политичкиот дијалог и постепеното разрешување на проблемите што настанаа со политичката криза.

На средбата се отворени и повеќе пршања околу изборните модели и спроведувањето на изборите идната година. Од страна на шефот на ОБСЕ е истакнато дека Мисијата стои на располагање по однос на сите барања кои ги има Република Македонија за реформите и демократското спроведување на изборите.

Двајцата соговорници разговарале и за Етичкиот кодекс кој е потребно да го донесе Собранието на Република Македонија како дел од реформите, а за кој е потребна согласност од сите пратенички групи.

Вељаноски истакнал дека на Република Македонија и се најважни двата стратешки приоритети, односно што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европката унија и полноправното членство во НАТО.

Соговорниците разговарале и за актуелната состојба со бегалците од Блискиот Исток при што Вељаноски истакнал дека Македонија ги почитува сите стандарди и прописи пропишани од Европската унија за овие кризни состојби, но оти треба поголем ангажман од сите релевантни меѓународни организации за успешно справување со оваа состојба и помалку штета по однос на бегалците.

Вељаноски ја потенцирал и отвореноста на Собранието за соработка и континуирана комуникација со Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.