Свет
15. February 2021 - 20:57

Велика Британија отвори хотели за карантин

Хотелите во Велика Британија кои се одредени како карантин за патниците кои пристигнуваат од 33 земји, ги примија првите гости во обид британската Влада да спречи новите видови на коронавирус да го нарушат темпото на вакцинација.

Патниците кои утрово пристигнаа на лондонскиот аеродром Хитроу, обезбедувањето ги испрати до автобусите кои ги превезоа до најблиските хотели.

Првата доза од вакцината против Ковид-19 во Велика Британија ја примија речиси една четвртина од населението, но здравствените работници се загрижени дека вакцините можеби нема да бидат доволно ефикасни против некои нови видови на вирусот, вклучувајќи го јужноафриканскиот.

Според новите правила, луѓето кои пристигнуваат во Англија од 33 ризични земји мораат на свој трошок да поминат 10 дена во одредени хотели, а храна ќе им биде доставувана пред врата.

Во Шкотска ова правило се однесува на пристигнувањата од која било држава.

Критичарите тврдат дека хотелите за карантин се воведени многу доцна, бидејќи јужноафриканскиот вид на коронавирус веќе се шири низ Велика Британија.