Македонија
21. јуни 2018 - 8:47

Велешкиот театар со „Вдовицата се мажи“ гостува во Бугарија

Театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ од Велес вечер ќе настапи во Драмскиот театар во Трговиште, Бугарија, со комедијата „Вдовицата се мажи“ според едночинката „Мечка“ на Антон П. Чехов од 1888 година, во режија и адаптација на Младен Крстевски.

„Вдовицата се мажи“ е комедија на карактери која изобилува со брзи дијалози, силни емоции и ненадејни пресврти. Претстава за едноставната комплексност на човековата природа, за тенката граница помеѓу омразата и страста.

Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костиограф е Катерина Чукниева, а изборот на музиката е на Снежана Митова. Во претставата настапуваат актерите Марина Поп-Панкова, Васил Зафирчев и Младен Крстевски.

Гостувањето е продолжување на соработката со Драмскиот театар од Трговиште, на чија сцена театарот од Велес настапи и минатиот месец со претставата за деца „Волшебникот од Оз“ во рамки на Меѓународниот фестивал на претстави за деца „Волшебната завеса“.

Ова е второ интернационално претставување на „Вдовицата се мажи“ по учеството на Меѓународниот фестивал „Руска класика“ во Москва, каде што претставата ги освои наградите за најдобра странска претстава и за најдобар актерски ансамбл.