Свет
22. February 2025 - 20:07

Ватикан: Папата Франциск во критична состојба поради продолжена астматична криза

Светата столица соопшти дека здравствената состојба на папата Франциск останува критична, откако утринава претрпел долготрајна астматична респираторна криза.

„Светиот Отец утринава имаше продолжена астматична респираторна криза, поради што беше потребно да му се администрира кислород со висок проток“, се наведува во медицинскиот билтен објавен од Канцеларијата за печат на Ватикан, пренесува АНСА.

Во соопштението се додава дека анализите на крвта покажале тромбоцитопенија, поврзана со анемија, што наложило итно да му се даде трансфузија на крв.

Папата Франциск и натаму е свесен и денот го минал седејќи во фотелја, иако чувствувал поголема малаксаност во споредба со вчера. Моментално прогнозите за неговата состојба остануваат неизвесни.