Македонија
22. January 2020 - 16:51

Увозниците на половни возила најавуваат штрајкови

Замрзнување на новиот и итно враќање на стариот Правилник, бараат увозниците на половни возила. Тие денеска повторно излегоа на мирен протест. Велат дека Царинската управа нема слух за нивните барања, па затоа решија да ги достават директно во Владата. Тврдат дека откако стапи во сила новиот Правилник давачките драстично им се зголемени поради што увозот на половни возила во првите дваесетина дена од годинава е намален за 90 отсто во споредба со истиот перид лани. Предупредија дека некои од увозниците може да стават и клуч на плацевите. Ако не се исполнат  нивните барања се заканија со секојдневни  протести и блокади на улиците.

Од Царината, пак, засега немаат намера да го менуваат Правилникот. Велат дека кратко време е во сила и  не можат да се видат првичните резултати.

Според податоците на Царината, во  просек месечно се увезувале до 3000  половни автомобили. Еден месец пред Правилникот да стапи во сила увезени биле околу 6000 автомобили.

Новиот правилник за моторни возила почна да се применува од први јануари  годинава, со што се воведе и нова ставка за даночење врз основа на  емисијата на јаглероден диоксит кој го испуштата возилата. Со тоа за автомобилите кој загадуваат повеќе ќе се плќа поголем данок. Од Владата посочија дека целта на новото законско решение е да се обнови возниот парк и да се намали загадувањето на  воздухот. Според анализите, автомобилите учествуваат со 20 отсто во загадувњето.