Македонија
19. November 2019 - 16:48

Уставните судии анализираа - треба ли да се намали казната за злоупотреба на службената положба

Стручниот колегиум на Уставниот суд ги разгледуваше аргументите за намалување на казната од минимум 5 години затвор, за злоупотреби при јавните набавки од високите функционери.

На денешниот колегиум била разгледувана иницијативата од судиите Никола Ивановски, Осман Кадриу Елена Гошева и Јован Јосифовски, кои сметаат дека главната вина треба да ја сносат членовите на комисиите за јавни набавки, но не и министрите кои го потпишуваат предлогот за најповолен понудувач.

“На колегиумот се разгледуваше оформениот предмет по иницијативата У.бр.106/2019, со која е оспорена одредбата од член 353 став 5 од Кривичниот законик. На седницата на стручниот колегиум сите судии ги изнесоа своите размислувања за неколку важни и спорни прашања покренати на претходната седница. Уставниот суд ќе донесе мериторна одлука на една од наредните седници”

Доколку иницијативата биде прифатена, и казната затвор за овој тип злоупотреби се намали од пет на четири години, тогаш тоа ќе значи нови застарувања за делата за обвинетите функциoнери кои ги гонеше поранешното СЈО за злоупотреба на милионски тендери, но и за големиот број истраги кои чекаат да бидат распоредени од Државното обвинителство.

Предлогот за намалување на казната затвор за злоупотреба на буџетот дојде на минатата седница на Уставен. На неа се спротиставија дел од судиите предводени од в.д претседателот Сали Мурати, кои сметаат дека тоа е директен упад во надлежноста на Владата и на Собранието.

Тие повикаа да не се носат избрзани одлуки, пред да се консултира и експертската јавност.