Македонија
28. October 2023 - 16:36

Успешни проекти со Бугарија преку ИПА фондовите

Пограничната соработка помеѓу Македонија и Бугарија дава одлични резултати. Ова го покажуваат и бројките од Интерег Ипа програмата преку која за околу 15 години на двете страни од границата биле реализирани 178 проекти, вредни близу 40 милиони евра. И од македонска и од бугарска страна задоволни од реализираното, сметаат дека на овој начин секоја општина успеала да реши одреден проблем, а во исто време граѓаните имале можност и подобро да се запознаат.

„За нас како секретаријат кој има задача секојдневно да менаџира со програмата најважно е да се имплементираат програмите на начин кој ќе овозможи во иднина да има одлични резултати и успешна реализација. Големо задоволство е што сите тие проекти 178 на број беа успешно имплементирани. А уште поголемо е задоволство што организациите што ги имплементираа и луѓето во нив станаа пријатели кои до денес се поддржуваат и имаат одлична соработка. Мислам дека ова само по себе е одличен пример како заедно можеме да решаваме се што е пред нас“, вели Николај Дочев раководител на заедничкиот секретаријат за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.

Можност за соработка прекуграничните региони имаат и преку ИПА 3 програмата 2021-2027. За шест години тие на располагање имаат 31 милион евра, распределени во три приоритети. Според најавите за време на овој програмски период треба да биде отворен и граничниот премин Клепало.

Лидерското место во државата во искористување на средствата од оваа програма го има Струмица. Само преку овие проекти општина Струмица, во партнерство со 4 општини од Бугарија, досега има реализирано  7 проекти со вкупна вредност од близу 2.900 000 евра.