Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица)
Православните верници денеска го слават празникот Успение на Пресвета Богородица, кај народот познат и како Голема Богородица. Еден од најголемите христијански празници кога се одбележува земниот крај на Пресвета Богородица, денот кога таа се вознесе на небото и го предаде својот дух во рацете на Спасителот.
Празник на мајката на животот Именден празнуваат: Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана... Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири. Меѓу позначајните празници што македонскиот народ ги празнува со посебно внимание се и неколкуте празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Поради тоа и повеќе цркви низ цела етничка Македонија го носат нејзиното име.
Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири, панаѓури и сл. што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се: Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, и сл. По раѓањето на Исус, Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај старателот Јосиф, со синот Исус, а по неговото распетие и воскрeсение кај неговиот ученик и апостол свети Јован Богослов. За сето тоа време таа била директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.
Кога Исус бил распнат Богородица стоела покрај крстот и плачела како секоја мајка над судбината на својот син. Од крстот Исус ѝ порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го има за свој син, а нему му порачал да ја има за своја мајка. Светото евангелие според Јована за ова сведочи: „А Исус, штом ја виде мајка си, и ученикот кого го љубеше како стои ѝ рече на мајка си: „Жено, ете ти син“! Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде при себе“ (Јован 19/26, 27) Се поставува прашањето зошто Исус од крстот на мајка си ѝ се обратил со „Жено“ а не со „Мајко“? Истражувачите на оваа проблематика сметаат дека со тоа сакал да ја заштити од своите непријатели: „Околу крстот Христов се наоѓале неговите најголеми непријатели и Он така ѝ се обратил за да ја заштити од нивната дрскост и злоба, оти тие ако знаеле дека тука е неговата мајка, можеби ќе ѝ нанеле и нејзе некое зло“. За време на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите со нив била и Богородица така што и врз неа слегол Светиот Дух, при што и таа ги примила неговите дарови. Потоа апостолите останале во Ерусалим уште 10 години, а за тоа време Богородица живеела кај свети Јован Богослов. Но кога Ирод ги започнал своите големи прогони на христијаните, апостолите со ждрепка решиле кој каде да оди и да го проповеда евангелието. Јован со Богородица отишол во Ефес, од каде што таа ги посетила св. Игнат Богоносец во Антиохија, св. Лазар воскреснатиот од Исуса кој бил епископ на Кипар и Света Гора којашто во таа прилика и ја благословила. И по враќањето во Ерусалим Богородица живеела во домот на апостолот и евангелист свети Јован Богослов и ги посетувала местата на кои за време на животот на Исус се случиле важни настани како што се Голгота, Витлеем, Гетсиманија, Елеонската Гора, потоа гробот на Исус итн. А во овие посети некои истражувачи гледаат зародиш на христијанскиот аџилак.
Особено Богородица често го посетувала гробот на својот син и го молела што побргу да ја земе кај себе. Набргу Господ Исус Христос ѝ пратил вест дека е скоро часот кога таа ќе умре. Истиот оној архангел Гаврил што ѝ ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот, сега ѝ кажал дека е дојдено времето кога таа ќе се пресели кај својот син. Ѝ предал рајска палмова гранка како победа на животот над смртта со барање да ја носат пред одарот за време на погребот. Богородица не се исплашила од оваа вест туку се израдувала што наскоро ќе биде кај својот син. Му кажала на свети Јована, му ја предала рајската гранка и започнала да се подготвува за напуштање на овој свет. Посакала да ги види сите апостоли кои поради прогоните на Ирод, но и поради своите обврски да го шират христијанството биле растурени по светот. Носени од некоја таинствена сила сите апостоли веднаш пристигнале, со исклучок на Тома кој бил многу далеку и во тој момент не можел да дојде. На 15-тиот ден во месецот, во третиот час од денот, Богородица била легната во ковчегот, многу свеќи ја осветлувале просторијата, а апостолите пееле и го славеле Господа Исуса Христа. Богородица го очекувала својот син да ја поведе на небото. Одеднаш силна светлина ја исполнила просторијата, Исус слегол од небото со многу светци и ангели, а Богородица гледајќи го него извикнала: „Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови“, (Лука, 1/46-48) по што без болки ја предала својата душа во рацете на својот син. Тогаш ангелите го запеале поздравот од Благовештение: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“. (Лука, 1/28) Во тој момент апостолите виделе како со оваа песна ангелите, заедно со Исус, ја носат душата на Богородица кон небото. Лицето ѝ светело како сонце, а од телото се ширел пријатен мирис од кој се излечиле многу болни.
По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот (старателот) Јосиф. За време на погребот светиот апостол Јован ја носел рајската гранка пред погребната поворка, апостолите го носеле телото на Богородица, а над нив се слушало пеењето на ангелите. Светол облак ја завиткувал поворката и непријателите не можеле да се приближат, иако постојано ја следеле и се обидувале да ја растурат поворката, а телото на Богородица да го запалат. Во еден момент на едно место малку се поткренал облакот и се видел ковчегот во кој била Богородица. Тогаш еден од еврејските свештеници се затрчал кон него, го фатил со рацете за да го преврти. Но во тој момент невидлив ангел со меч му ги отсекол рацете и дланките останале залепени на ковчегот. Свештеникот се покајал за тоа што сакал да го направи и заплакал, а апостолот Петар му рекол да ги допре рацете до пресечените дланки. Кога тоа го направил се случило чудо, рацете зараснале како никогаш да не биле пресечени. Сите што виделе се увериле дека Исус навистина е синот Божји и на тој ден многумина се крстиле и го примиле христијанството.
Телото на Богородица било положено во гробот во Гетсиманската градина и врз отворот бил ставен голем камен. Три дена апостолите пееле псалми, а од воздухот се слушало пеењето на ангелите. Третиот ден по погребот пристигнал апостолот Тома кој што многу жалел затоа што не присуствувал на погребот на Божјата мајка и побарал апостолите да му го отворат гробот за да се поклони пред телото на Богородица. Апостолите му ја исполниле желбата, го отвориле гробот но на општо изненадување телото не било внатре. Имало само некои погребни платна од кои се ширел пријатен мирис. Тогаш се јавила Богородица и им соопштила дека на третиот ден по погребот Исус ја воскреснал кревајќи ја на небото. Кога се упокоила Богородица имала 63 (според други 72) години. Празникот Успение на Пресвета Богородица меѓу народот познат како Голема Богородица се празнува на 28 август според новиот (односно на 15 август според стариот) календар. За подостоинствено празнување на овој празник му претходи двенеделен пост што започнува на 14/1 август, односно на празникот Св. седум маченици Макавејски. Иако култот на Пресвета Богородица имал значајно место во христијанскиот свет уште од најстари времиња, сепак, празникот на нејзиното успение не се празнувал од почетокот. Во почетокот се празнувал празникот Собор на пресвета Богородица, веднаш по Божик, а подоцна од овој општ празник на мајката Божја како и другите нејзини празници се одделил и празникот на нејзиното Успение.
На иконите Успението на Пресвета Богородица е насликано на овој начин: На одарот е поставено телото на Богородица. Околу неа се народот и апостолите. До одарот во средината е нејзиниот син Исус кој во рацете го држи нејзиниот дух во форма на новороденче, или нејзиното тело во минијатурна форма. На некои фрески меѓу апостолите што го носат ковчегот со телото на Богородица насликан е и свештеникот со пресечените раце. Низ цела етничка Македонија во манастирите или црквите што го носат името на Пресвета Богородица на празникот Мала Богородица се одржуваат масовни народни собири. Така е крај манастирот во Матка крај Скопје, кај црквата во центарот на Скопје, во Лешочкиот манастир крај Тетово, во Берово, и на повеќе други места.
Тропар Успение на Пресвета Богородица
Богородице, и во раѓањето си го сочувала девството, а по своето успение не си го оставила светот, туку си се преселила во живот, Мајко на Животот, и со твоите молитви ги избавуваш од смртта нашите души.
Ново на Сител
-
Како да ги искористите ваучерите за инвертер клими?
-
Тема на денот со Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
-
Прв пат во Македонија дијагностицирана ретка генетска болест „Фабри“ - Двајца пациенти се на терапија
-
Преглед на вестите од светот
-
Реформската агенда за ЕУ пред пратениците
-
Силјановска: Реален и рационален е оптимизмот за одблокирање на европската интеграција
-
Антикорупциска: Незаконско е назначувањето членови за УО на Академијата за судии и обвинители
-
ДКСК: Екс-министерката за култура на службено патување трошела буџетски пари за приватни цели