Македонија
19. April 2021 - 21:16

Уште еден Велигден со празни цркви?

Дали Велигден и Рамазан Бајрам и годинава верниците ќе ги празнуваат во полициски час? Главниот кризен штаб со кој раководи премиерот, на денешниот редовен состанок било препорачано од 27 април до 15 мај, полицискиот да почнува од 21 часот.

Предлогот на кризниот штаб доаѓа во исто време со средбата на министерот за здравство и поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и Исламската верска заедница. На средбата, како што пишува Филипче на својот фејсбук профил, се разговарало за актуелната состојба со коронавирусот, при што на поглаварите им укажал на ризиците кои ги носи групирањето во затворени простории за време на претстојните верски празници.

„Се согласивме дека сите чинители треба активно да придонесат во битката со пандемијата и договоривме интензивна комуникација во следниот период“, напиша министерот за здравство по средбата со верските лидери.

Со Предлогот на Главниот кризен штаб за периодот, 27 април – 15 мај, се предлага угостителите да ги отворат вратите за гости, но само на летните тераси. За независната угостителска комора предлогот е неприфатлив.

Во меѓувреме угостителите и туристичките работници најавиа протест за кој велат ќе трае се додека не се исполнат нивните барања. Очекуваат еднократна финансиска помош и гресј период за враќање на кредитите.. Владата пак најави нов пакет мерки со кои ќе се опфатат и субјекти кои се затворени со новите рестриктивни мерки.

Инаку по препорака на Комисијата за заразни болести и во следните седум дена угостителските објекти ќе останат затворени. Нема промена ниту кај забраната за движење – полицискиот час ќе трае од 8 навечер до 5 часот наутро.