Бизнис
25. December 2017 - 16:36

Уште два анекси за автопатот Кичево - Охрид

Рокот за изградба на автопатот Кичево- Охрид ќе се пролонгира за три години. Владата  ќе потпише уште два анекси на договорот со кинескиот изведувач Синохидро. Едниот ќе биде за да се продолжи рокот до кој треба да биде готов автопатот, а другиот за дополнителната сума која ќе треба да ја плати државата за да го доврши. За износот вели министерот Сугарески се уште се преговара со кинеската фирма.

Колку ќе ја чини државата километар автопат од Кичево до Охрид засега е непознато. Бројните пропусти и грешки во проектот ја пролонгираа целата изградба. Надлежните  претходно излегоа во медиумите со проценки дека дополнителните трошоци ќе достигнат околу 140 милиони и евра, што значи дека конечната сума може да достигне и до половина милијарда евра.

Поради ваквите пропусти вели Сугарески изградбата на автопатот кон Албанија и Блаце ќе почне откако ќе се обезбедат квалитетни проекти.

Претходно Владата и кинеската компанија потпишаа анекс со кој се договорија автопатот Миладиновци Штип да биде готов до октомври догодина, без да плаќа пенали државата поради пробивањето на рокот.

Новиот автопат од Кичево до Охрид е долг 57 км. Неговата изградба почна кон крајот на мај 2014.