Македонија
12. April 2021 - 16:42

Уште 30 дена притвор за Камчев, одбраната покрена постапка за постапките на АНБ

Продолжен е притворот за бизнисменот Камчев. Кривичниот суд го прифати предлогот на обвинителството за дополнителни 30 дена притвор, бидејќи како што се наведува во одлуката, се уште постоела опасноста од бегство.

Бизнисменот Камчев е во притвор од средината на март откако Агенцијата за национална безбедност го алармирала обвинителството дека тој наводно подготвува бегство од државата.

Адвокатот на Камчев вели дека АНБ немала надлежност да го следи бизнисменот бидејќи не станувало збор за потенцијална закана по националната безбедност. Агенцијата немала ниту судска наредба за следење на Камчев, па неговата одбрана смета дека службената белешка на АНБ е незаконска и бара од судот да не ја прифаќа како доказ за бегство.

„АНБ постапила надвор од своите законски овластувања предвидени во Законот за Агенцијата за национална безбедност, овластувања што се однесуваат на дела како шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам и други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност. Оттука останува нејасно како господинот Камчев ја загрозува националната безбедност на државата и претставува закана за да биде следен од 12 февруари до 14 март 2021, како и да биде изготвена службена белешка“, изјави Тони Менкиновски, Адвокат на Орце Камчев.

За одбраната, симптоматично е што институциите различно ја толкуваат белешката на Агенцијата за национална безбедност. Велат, доказ за тоа била изјавата на премиерот Заев.

„Дека се работи за скандалозно изрекување на најстрогата мерка за обезбедување, изречена врз усна белешка на доушник и непрезентирање докази кон одбраната, потврдува и премиерот кој како носител на извршната власт имал ингеренции и можел да има увид во извештајот на АНБ. Тој изјави дека осомничениот Камчев не планирал бегство со бугарски агенти. Тој рече: ‘Не се работи за следење, кажувам дека не е следен… Тоа агенти, Бугарија, не е точно, нема таму таква работа. Има неколку причини од кои се побудил кај нив инстинктот да напишат и да пријават, понатаму тоа го цени јавниот обвинител’“, вели Менкиновски.

Тој најави и претставка до Судскиот совет за нестручно работење на судијата на претходна постапка бидејќи како доказ ја користел како што вели, незаконитата белешка на АНБ.

Камчев е во притвор како осомничен во случајот „Плацеви на Водно“.