Урсула фон дер Лајен го поздрави продолжувањето на примирјето меѓу Израел и Хамас
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, синоќа го поздрави продолжувањето на примирјето меѓу Израел и палестинското исламистичко движење „Хамас“, јави ДПА.
Вчера двете страни се договорија за дополнителни два дена да го продолжат четиридневниот прекин на огнот што започна во петокот.
„Го поздравувам постигнатиот договор за продолжување за два дена“, се вели во соопштението на Фон дер Лајен.
„Уште еднаш ги повикувам терористите на Хамас да ги ослободат сите луѓе кои ги зеле како заложници во нивниот ужасен напад на 7 октомври“, рече претседателката на Европската комисија.
Продолжувањето на примирјето ќе им овозможи на повеќе цивили во Појасот Газа да добијат „витална помош“, оцени Фон дер Лајен. Таа нагласи дека досега Европската комисија испорачала 900 тони помош за Појасот Газа преку Египет.
„Во текот на изминатите четири дена, нашите срца се радуваа кога видовме дека израелските заложници се ослободени, заедно со заложниците од други националности“, додаде Урсула фон дер Лајен.
„Овој договор го отвора прозорецот на надеж пошироко, бидејќи повеќе цивили во Газа ќе имаат пристап до витална помош“, истакна претседателката на Европската комисија.
Во нападот врз Израел на 7 октомври, борците на Хамас зедоа околу 240 луѓе за заложници и ги одведоа во Појасот Газа. Во тој напад беа убиени околу 1200 луѓе, главно цивили. Потоа Израел започна одмазнички напади во Појасот Газа.
Локалните власти во Газа вчера соопштија дека бројот на убиени Палестинци во израелските напади на енклавата надмина 15.000, а илјадници се уште се водат за исчезнати под урнатините. Владината канцеларија за медиуми во Газа во соопштението наведе дека бројот на убиените Палестинци вклучува 6.150 деца и 4.000 жени.
Се додава дека под урнатините има околу 7.000 исчезнати лица, меѓу кои 4.700 деца и жени.
Во соопштението се наведува дека меѓу загинатите Палестинци има 207 здравствени работници, 26 членови на спасувачки тимови од цивилната одбрана и 70 новинари.
Исто така, се наведува дека повеќе од 36.000 Палестинци се повредени, од кои 75 отсто се деца и жени. Во соопштението се додава дека речиси 50.000 станбени единици се целосно уништени, а околу 240.000 се сериозно оштетени во израелските напади.
Вкупно 88 џамии се целосно уништени, 174 џамии се делумно уништени во израелското бомбардирање низ Газа, а цел на израелската армија беа и три цркви.
Ново на Сител
-
Британски борбен авион Ф-35 изврши принудно слетување во Јапонија
-
Армијата и Министерството за одбрана им оддадe почит на загинатите припадници кај Љуботенски бачила
-
Приведени четири возачи за возење под дејство на алкохол
-
Нешто помалку од 1.600 хектари изгореле во пожарот во близина на Атина
-
Мицкоски: Почит и слава за хероите од Љуботен
-
На 12 и 14 август полагање на екстерните испити од државната матура во августовската сесија
-
Експресни победи на Синер и Швјонтек на Мастерс турнирот во Синсинати
-
Пораз од Романија за македонските кадетки на ЕП во Црна Гора