Македонија
23. December 2016 - 15:13

Уредување на црквата „Свети Атанасиј“ во кочанско Оризари

Во една од најстарите цркви во кочанскиот крај, црквата „Свети Атанасиј“ во населбата Оризари, продолжува надворешното уредување на дворот и потпорните ѕидови, како и фрескосликањето на внатрешниот дел од црквата.

Црковниот одбор во првата фаза од обновата на црквата целосно ја смени фасадата, го поплочи дворот и започна со фрескосликањето на страничниот дел од внатрешноста на истата. Во тек е реализација на втората фаза од уредувањето каде што е планирана обнова на потпорните ѕидови како и хортикултурно уредување на просторот и поплочување на внатрешноста на црквата. 

- Со средства од верниците и донатори како и од иселеници од Оризари во европските земји, успеавме да ја уредиме внатрешноста на црквата, да ја обновиме фасадата и да ја живописаме со фрески и икони. Ни преостанува да ја доуредиме надворешноста околу црквата за кое имаме обезбедебно донации, истакна Кирил Димитриев, член на Црковниот одбор од Оризари.

Покрај хортикултурното уредување на дворот на храмот, предвидено е и изградба на влезна капија од западната страна на црквата.

Црквата посветена на Свети Атанасиј е градена во 1848 година, потоа делумно разрушена за да повторно биде изградена во 1876 година, а фрескоживописана во таванскиот дел од страна на тајфата на Исаија Макаровиќ од село Гари – Дебарско, кој со својата тајфа престојувал во кочанско. Од 55-те икони колку што се наоѓаат во црквата во Оризари, 17 од нив се наоѓаат во регистарот на регистрирани икони на Заводот за заштита на спомениците на културата во Македонија.